Кавадарци се подготвува за одбележување на празникот на градот. Денеска општината го распиша конкурсот за наградата “7ми септември“ која се доделува на денот на ослободувањето на градот.
Ова највисоко општинско признание се доделува на физички и на правни лица како знак на признание за остварувања во стопанството, науката, публицистиката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот и за неговиот севкупен напредок и афирмација во земјата и во светот.
Во конкурсот се наведува дека наградата може да се додели и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани ,успешни постигнувања во наставните и вон наставните активности, што претставуваат посебен придонес за напредокот и афирмацијата на градот.
Наградата, која се состои од диплома и плакета, се доделува за остварувања во изминатиот период од една година, како и за подолг изминат период, кој претставува заокружена творечка или континуирана работна целина.
Од денеска можат да се доставуваат предлози за ова општинска награда. Може да се предлагаат правни и физички лица, а предлогот треба да е детално образложен и да содржи биографија за предложените кандидати.
„Кон предлогот за доделување на наградата за печатени дела и други изданија се приложуваат и два примерока од делото. Предлагачот е потребно да ги наведе својот полн назив, адресата и телефонскиот број“ се наведува во конкурсот што го објави локалната самоуправа, а предлозите се доставуваат најдоцна до 20 август годинава до архивата на општината или по пошта.
Наградата ќе се додели на свечената седница на кавадаречкиот совет на 7 ми септември.
Минатата година ова високо општинско признание го добија Ѓорги Шемов, тогаш ученик во гимназијата „Добри Даскалов“ поради освоени високи награди во истражувачка дејност на светската олимпијада во Америка, академскиот сликар Владимир Темков кој во изминатите триесет години ликовна дејност создаде многубројни дела, организираше изложби и ја промовираше општината дома и во странство и Музеј Галеријата за особени постигнувања во областа на културата и заштитата на културното наследство.
Aнгел Данов