Кавадаречкиот совет го усвои кварталниот извештај за извршувањето на буџетот – донесена одлука за субвенционирање на велосипеди

Советот на општина Кавадарци едногласно го усвои кварталниот извештај за извршувањето на општинскиот буџет во првиот квартал.

 

Остварувањето на вкупните приходи по сите основи за периодот од  01.01.2021-31.03.2021 година е во износ од 226.610.003 денари во однос на  планираните 1.209.233.000 денари или изразено во проценти 18,74 % – стои во образложението на овој извештај.

 

Градоначалникот Митко Јанчев нагласи дека и покрај кроона кризата сепак се бележи поголема реализација на приходите во буџетот споредено со минатата година за 18,7% во првиот квартал. Искажа благодарност до сите физички и правни лица кои го платиле данокот на имот.

 

„Заштедата од огрев за училиштата и превоз на ученици ќе се искористи за изградба на спортска сала во ООУ „Димката Ангелов Габерот“ во Ваташа и за реконструкција на неколку учлилишта“ рече Јанчев. Тој исто така информира дека општината аплицирала со 4 проекти до МОН од кои два се веќе одобрени, а се однесуваат на реконструкција на покривот на ООУ „Тошо Велков Пепето“, реконструкција во СОУ „Киро Спанџов Брко“, училиштето во Возарци и во ООУ „Страшо Пинџур“.

 

Јанчев истакна дека неговите очекувања се во вториот квартал извршувањето на буџетот ќе биде над 40%.

 

На денешната 55 седница, која советот ја одржува преку видео конференциска врска, беше донесена и одлука за субвенционирање на нови велосипеди. Деновиве ќе биде објавен јавен повик за аплицирање.

 

„Максималната сума за еден велосипед е до 3000 денари или 50% од вредноста на велосипедот. Имаме буџет од 300.000 денари за субвенционирање на 100 велосипеди. Очекувам поголем интерес, бидејќи сега имаме и велосипедско пешачка патека“ рече Јанчев.

 

Советот едногласно донесе одлуки и за сопствено учество на општината во реализацијата на проекти за фекален колектор во Возарци, реконструкција на локалниот пат село Бохула и за поставување на фотонапонски панели кои ќе се постават на 10 општински објекти.

 

Едногласно советниците гласаа и за социјалниот план на општина Кавадарци за период од 2021 до 2024 година. Со изработката на овој социјален план кој е од големо значење за интегритетот на Општина Кавадарци ќе се придонесе до полесен пристап до социјалните услуги и можности за полесен пристап до корисниците и нивно вклучување во заедницата. Советничката Минова го поздрави донесувањето на социјалниот план и нагласи дека Кавадарци има потреба од изградба на дом за стари лица.

 

Целта на социјалниот план е мапирање на социјалните проблеми на ранливите групи во општината, извршување на анализа на моменталните состојби и капацитети и расположливи социјални услуги и ги утврдува спрецифичните потреби за развој на социјалните услуги во општина Кавадарци. Овој социјален план ќе претставува основа при изготвување на годишните планови и програми за социјална, детска и здравствена заштита во општина Кавадарци.  

 

„Општина Кавадарци активно работи за поддршка на социјално загрозените семејства. Во овој дел потребно е да се потенцира социјалната заштита која се остварува преку разни мерки, активности, услуги со цел да се заштити од ризици, превенција и надминување на социјалните проблеми кои се одразуваат на здравјето на граѓаните. Затоа се прават чекори со кои ќе се спречи социјалната исклученост, ќе се подобри квалитетот на животот и ќе се зголеми бројот на социјални услуги кои ги нуди општина Кавадарци. Во социјалниот план ќе бидат наведени идентификуваните социјални ризици на ранливите категории на граѓани кои се детектирани во општина Кавадарци, и нивните потреби“ рече Јанчев и информираше дека општината заедно со МТСП и со здружението на пензионери ќе се изгради дом за стари лица во парцела кај спомен паркот „Киро Крстев и Димче Мирчев“. Тој дом би згрижувал педесетина лица.

 

Јанчев исто така посочи дека општината ќе реализира и проект за изградба на објект за згрижување на деца со посебни потреби,  кој ќе обезбеди услови за лица од различни возрасти и потреби и проект за изградба на шест апартмани во кои би се згрижувале лица кои би биле на удар од елементарни непогоди.

 

А.Д