Визбите ќе добијат по 2 денари и по килограм откупена смедеревка

Визбите ќе добијат по 2 денари и по килограм откупена смедеревка

Многу лозари грозјето оваа година го оставија на лозовите површини бидејќи немаа каде да го продадат. Пропаднаа големи количини на винско грозје. Произвоидителите на грозје велат дека ова е една од најлошите години од кога се занимаваат со лозарство.

 

Се почесто лозарите размислуваат да ги напуштат лозовите насади, бидејќи како што велат, само вложуваат мака и пари и на крај нивното производство е обезвреднето од винарските визби. Ова наметнува сериозно прашање, дали годинашниот проблематичен гроздобер ќе предизвика пропаѓање и намалување на лозовите површини.

 

Вчера МЗШВ најави нова стимулативна мерка за визбите за да откупуваат смедеревка. Ќе им се исплатат по 2 денари за килограм откупено грозје од ова винска сорта.  Лозарите не се многу задоволни од ова мерка. Коментираат дека исто како и претходната,  кога се најавија 3 денари за килограм вранец помош од државата и ова субвенција нема да помогне да се купи преостанатото грозје.

 

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков не биле  собрани уште 20 до 30 милиони килограми грозје од сортата „смедеревка“.

Субвенции ќе може да добијат оние винарски визби кои се запишани во регистарот и кои ги имаат намирено финансиските обврски кон производителите. Тие ќе треба да откупат минимум еден милион и 500 илјади килограми грозје од оваа сорта.

 

„Смедеревката“, како што рече Цветков, ќе се откупува според договореното, односно 11 денари за 17 шеќерни единици. Ако грозјето е со повеќе од 17 шеќерни единици, тогаш откупната цена ќе биде повисока за 0,65 денари, а доколку е пониска, цената ќе се намали за 0,65 денари.

 

Ангел Данов