Општина Кавадарци објави јавен повик за избор на членови на Иницијативен одбор, чија цел ќе биде организација и одржување на конститутивното Локално младинско собрание во општината.
Иницијативниот одбор ќе биде составен од пет члена – претставници на младински организации, организации за млади, политички подмладоци, ученички и студентски организации и други облици на младинско учество што делуваат на територијата на општина Кавадарци. Неговата главна задача ќе биде да го распише јавниот повик за конституирање на Собранието на млади, по што одборот автоматски се распушта.
Право на аплицирање имаат млади лица кои ги исполнуваат следниве услови:
-Да се жители на Општина Кавадарци;
-Да се на возраст од 15 до 29 години;
-Да поседуваат креативност и претходно искуство во работа со млади и младински организации.
Заинтересираните кандидати треба да достават мотивационо писмо, кратка биографија (CV), портфолио за организацијата/групата и писмо за номинација.
Пријавите се поднесуваат во Архивата на Општина Кавадарци или по пошта во периодот од 26 октомври до 3 ноември 2026 година, со назнака „За јавен повик за свикување на Иницијативен одбор за организација и одржување на Локално Младинско собрание на Општина Кавадарци“.
Со формирањето на Локалниот младински совет, младите во Кавадарци ќе добијат советодавно и застапувачко тело преку кое директно ќе можат да предлагаат точки на дневен ред до Советот на општината и да учествуваат во креирањето на локалните младински политики.