На редовната 14-та седница на кавадаречкиот совет беа разгледани и усвоени повеќе одлуки од витално значење за функционирањето на општината. Доминираа одлуките за финансирање и кредитно задолжување на јавните претпријатија, годишните извештаи и програми на образовните институции, како и прифаќањето на значајни донации за локалната заедница.
Советникот од СДСМ, Вуко Мелов при утврдувањето на дневниот ред предложи да биде ставена и точка околу актуелните проблеми со кои се соочуваат лозарите и мерки за нивно обесштетување. Ваквиот предлог не беше прифатен од мнозинството во советот. „Не треба да правиме политика од маките на лозарите“ – со овие зборови градоначалникот Митко Јанчев му реплицираше на советникот Мелов и најави формирање комисии кои на терен ќе утврдуваат колку грозје останало необрано и кои се причините за тоа.

Советникот, пак, од редовите на Левица Круме Богевски го повика МЗШВ да го продолжи рокот за аплицирање за субвенции, затоа што, како што рече, повеќе од половина од рокот за аплицирање “системот бил паднат”! Според него, ова било тенденциозно уништување на земјоделието преку демотивација на тие што работат со земјоделие! „ Секој, до последен земјоделец мора да аплицира за субвенции, не е нивна грижа колку вие сте го исцрпиле буџетот преку тендери“ нагласи Богевски.

Едни од најважните точки на самиот почеток од денешната седница се однесуваа на општинските јавни претпријатија. Советот даде зелено светло за одобрување постапка и издавање гаранција за долгорочен кредит со својство на извршна исправа на ЈП „Комуналец“ Кавадарци, наменет за подмирување на обврски кон добавувачи. Донесената одлука се однесува за долгорочен кредит во висина од 60.000.000,00 денари, со рок на отплата од 5 години, во кој е вклучен грејс период од 6 месеци а заради обрт на средства за финансирање на преземени обврски кон добавувачи заради предходно реализирани инвестиции, услуги и материјални трошоци со банка која ќе понуди најповолна понуда за одобрување на кредитот.
Оваа точка предизвика дискусија во советничките клупи — опозицијата се спротивстави на одлуката, аргументирајќи дека претпријатието до пред извесен период важело за едно од најуспешните во земјава, па оттука го постави прашањето за потребата од дополнително кредитно задолжување. Исто така се слушнаа дискусии дека ЈП Комуналец континуирано ги подобрува услугите кон граѓаните и треба да има добра ликвидност.
Покрај ова, советниците ги изгласаа и измените во одлуките за долгорочно задолжување и гаранции за ЈП „Градски превоз Кавадарци“, а беше изгласана и изменетата Одлука за утврдување единечна цена на билетот за општинскиот линиски превоз на патници.



Од седницата беше посветен дел и на функционирањето на воспитно-образовните установи. Советниците ги разгледаа и ги усвоија Годишните извештаи за работата во изминатата учебна 2025/2026 година, како и Годишните програми за претстојната 2026/2027 година за сите основни и средни училишта како и Општинскиот ученички дом „Крсте П. Мисирков“ и ЈОУ Детска градинка „Рада Поцева“
Советниците дадоа согласност за реализација на неколку вредни донации во општината – За Гимназијата „Добри Даскалов“: Беа прифатени донации во клима уреди од компаниите „Кожувчанка“ и „Минекс Маркети“, како и нагледни средства, наставни помагала и училишен мебел обезбедени од „Ротари Клуб Кавадарци“.
За зачувување на историското наследство: Беше изгласан Договорот за дар на недвижност од Нејков Димка и Сандра Титизова од Скопје, наменета за Спомен куќата посветена на Димката Ангелов – Габерот.
Советот ги прифати донациите за урбанистички и основни проекти изработени од компаниите „Чакар-Партнерс“ и „Перкан Проект“.
Во делот на социјалната заштита беа изгласани измените во основањето на Центарот за дневен престој за лица со попреченост „Искра“, а беа одобрени и одлуките за формирање подружници и измена на Статутот на детската градинка „Рада Поцева“. Советот официјално го усвои и Планот за одржлива урбана мобилност за Кавадарци.
На самиот крај од седницата беше усвоен Извештајот за реализација на културната програма „Го сакам Кавадарци 2026“, а советниците донесоа и неколку одлуки за распределба на финансиски средства од општинскиот буџет наменети за индивидуални поддршки и учество на карневалски групи.
Седницата со советнички прашања ќе продолжи наредната среда.
A.Д