Филипче: Луѓето чекаат лекови и лекување, а власта боледувањето им го прави домашен притвор

Филипче: Луѓето чекаат лекови и лекување, а власта боледувањето им го прави домашен притвор

Граѓаните се соочуваат со недостиг на лекови, несоодветни услови за лекување и огромни листи на чекање, а власта најавува контроли со кои боледувањето го претвора во домашен притвор, реагираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

„Не може боледувањето да ви е домашен притвор. Што ќе проверува полицијата? Дали сте ја земале терапијата?“, праша Филипче.

Тој нагласи дека санкционирањето на злоупотребите со боледувањето е потребно, но оцени дека најавените измени се бесмислени и не ги решаваат проблемите со кои се соочуваат пациентите.

Филипче посочи дека времетраењето на боледувањето се утврдува според медицински критериуми и ја оспори оправданоста на најавеното скратување на пет дена.

„Како тоа му текнало на него пет? Врз основа на што? Па уште полиција ќе праќа дома да проверува дали си дома или не си дома“, рече Филипче.

Според него, ваквиот пристап ја покажува намерата на власта да воспостави контрола врз граѓаните, додека суштинските проблеми во здравството остануваат нерешени.

„Немаат луѓето лекови, немаат услови за лекување добри, огромни листи на чекање“, нагласи Филипче.

Претседателот на СДСМ се осврна и на корупцијата во здравствениот систем, обвинувајќи дека постои влијание од највисоките кругови на власта врз набавките на медицинска опрема.

„Има еден советник на премиерот којшто шета по клиниките и им кажува на директорите која спецификација и која опрема да ја купат“, изјави Филипче, порачувајќи дека ќе има одговорност.