Јанчев најави формирање Одделение за внатрешна контрола на сите локални институции и јавни претпријатија во Кавадарци

Јанчев најави формирање Одделение за внатрешна контрола на сите локални институции и јавни претпријатија во Кавадарци

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, на денешната седница на Советот најави формирање ново Одделение за внатрешна контрола кое ќе има за цел проверка и контролирање на сите локални институции и јавни претпријатија под надлежност на општината.

Јанчев истакна дека изминатите четири месеци интензивно се работело на правната рамка за ова решение, кое официјално треба да биде формирано за 15 дена.

„Изнајдов начин како Општина Кавадарци да формира одделение за внатрешна контрола. Тоа ќе биде формирано за 15 дена и ќе биде составено од шест члена, преземени од постоечките вработени во јавните претпријатија, јавните институции и општината“, изјави градоначалникот Јанчев.

Новото одделение ќе функционира директно под надлежност на градоначалникот, а неговата работа ќе биде дефинирана со посебен правилник одобрен од Советот. Членовите ќе имаат овластување секојдневно да вршат проверки на терен во сите сектори – од образованието, детската заштита и јавните претпријатија, па сè до општинската администрација.

Контролите ќе опфаќаат проверка на присуството и регуларноста на вработените на нивните работни места, легитимирање во и надвор од институциите, како и констатирање на какви било злоупотреби на работните обврски.

„Целта е да има ред и поредок. Секоја злоупотреба ќе биде санкционирана. Ова не се прави за психолошки притисок или партиски реваншизам, туку за да се спречат опструкциите и да се овозможи нормално функционирање на системот“, порача Јанчев.

Со оваа мерка, Општина Кавадарци стреми да ја зголеми ефикасноста и одговорноста во работењето на сите јавни служби на локално ниво.

А.Д