Левица: Од ветувања за најниски цени на горивата во регионот, до 104,50 денари за дизел – Левица бара намалување на давачките за горивата, маржите и патарините

Левица: Од ветувања за најниски цени на горивата во регионот, до 104,50 денари за дизел – Левица бара намалување на давачките за горивата, маржите и патарините

Дизелот чини 104,50 денари за литар, откако РКЕ повторно ја зголеми максималната малопродажна цена – за цели 5,50 денари во само една недела. На 11 август дизелот чинеше 91,50 денари, што значи дека за нешто повеќе од еден месец поскапе за 13 денари.

Дизелот е основен трошок за транспортот, земјоделството, градежништвото, дистрибуцијата и производството. Кога камионот плаќа поскапо гориво, поскапува транспортот; кога поскапува транспортот, притисокот се префрла врз производите што секојдневно ги купуваат граѓаните. Ако дизелот над 100 денари стане новото нормално, последиците нема да останат на бензинските пумпи.

Во оваа ситуација, РКЕ повторно се однесува како нем набљудувач на сопствената регулација. Комисијата секоја недела ја објавува максималната цена, но граѓаните од неа не слушаат што конкретно ќе направи за да го спречи ценовниот удар да се прелее врз целата економија. Напротив, додека цените растат, во структурата на дизелот остануваат значајни ставки за надоместоци, склад и трговска маржа. Самата актуелна пресметка покажува дека маржата и складот учествуваат со околу 6,9 денари во литар.

Затоа, Левица бара РКЕ веднаш да го намали регулираниот надоместок за склад и трговската маржа, наместо повторно да ја префрла целата тежина врз граѓаните. Потребна е и привремена регулација на маржата, со која директно ќе се ублажи ударот од високите берзански цени. Ако РКЕ има механизам да ја утврдува максималната цена, има и обврска да ги преиспита сите нејзини составни елементи кога ценовниот притисок станува удар врз стандардот.

Потребно е и намалување на патарините за 50% за сите лиценцирани товарни и патнички превозници. Скапото гориво не смее преку транспортните трошоци да се претвори во ново поскапување на храната и основните производи. Ова е директна мерка со која може да се спречи дел од трошокот на превозниците да се прелее врз крајните потрошувачи.

Дополнително, Владата мора да престане да се крие зад формулите на РКЕ и да ги искористи фискалните инструменти што ѝ стојат на располагање: намалување на ДДВ за горивата од 10% на 5% и дополнително намалување на акцизата за дизелот за 4 денари. Особено е неодржливо акцизата прво да се намалува, потоа повторно да се зголемува, па повторно да се прикажува нејзиното намалување како некаква долгорочна политика за заштита на граѓаните.

И конечно, мора да се отвори прашањето за екстра-профитот во нафтениот сектор. Државните институции мора строго да ги испитаат и санкционираат евентуалните злоупотреби на пазарната позиција, наместо кризата да биде изговор за зголемување на профитите. Потребна е задолжителна контрола и маркирање на комерцијалните резерви – колку гориво е набавено, по која цена и кога – за да не се случува гориво набавено по значително пониски цени да се продава по новите, повисоки цени како да е набавено по нив. Разликата што настанува на ваков начин не смее автоматски да завршува како екстра-профит на грбот на граѓаните, туку мора да биде предмет на контрола, санкционирање и соодветно оданочување.

Владата и РКЕ не можат секое поскапување да го претставуваат како нешто што само треба да се набљудува. Светските цени може да влијаат врз домашната цена, но начинот на кој државата го распределува товарот не е светска берзанска цена – тоа е политичка и регулаторна одлука.