КАВАДАРЦИ — По повеќегодишни иницијативи, заложби и барања за соодветно организирање на локалните мајстори и претприемачи, денеска и официјално беше формирана Регионалната занаетчиска комора – Кавадарци.
Овој значаен чекор за локалната економија доаѓа како резултат на силниот интерес на занаетчискиот сектор, поддржан со потписите на повеќе од 350 кавадаречки занаетчии. Целиот процес за формирање на Комората доби и целосна поддршка од страна на Општина Кавадарци и градоначалникот Митко Јанчев.



Новоформираната Регионална занаетчиска комора ќе има клучна улога како клучна институционална платформа и заштитник на правата и интересите на занаетчиите од регионот. Главните цели на оваа организација ќе бидат унапредување на условите за работа, олеснување на административните процедури, поттикнување на развојот и зачувување на традиционалните и современите занаетчиски дејности.
Со формирањето на оваа Комора, кавадаречките занаетчии за првпат добиваат заеднички глас пред институциите, што ќе отвори нови можности за доедукација, пристап до грантови и подобро позиционирање на пазарот.





