ЈАНЧЕВ НА СРЕДБА СО ИЗРАЕЛСКА ДЕЛЕГАЦИЈА: Кавадарци ги отвара вратите за соработка во областа на иновациите и технолошкиот развој

ЈАНЧЕВ НА СРЕДБА СО ИЗРАЕЛСКА ДЕЛЕГАЦИЈА: Кавадарци ги отвара вратите за соработка во областа на иновациите и технолошкиот развој

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, денеска оствари официјална работна средба со висока делегација од Министерството за регионална соработка на Државата Израел, предводена од генералниот директор на министерството, г-дин Гилат Шадмон.

Главен фокус на разговорот беа можностите за унапредување на институционалната и регионалната соработка, со посебен акцент врз пренесувањето израелски искуства во областа на иновациите, претприемништвото, технолошкиот развој и примената на добри практики.

Оваа посета е со цел да се стават темелите за идно партнерство и конкретна соработка меѓу локалните институции, бизнис-секторот, стартап заедницата и релевантните чинители од двете земји.

„Кавадарци останува отворена општина за нови меѓународни партнерства и иницијативи кои создаваат реални можности за локален развој, привлекување инвестиции и директна размена на знаења и искуства“, истакна градоначалникот Јанчев по повод средбата.

Со оваа средба, Кавадарци уште еднаш ја потврдува својата заложба за поврзување со глобални технолошки лидери како што е Израел, со цел подобрување на економскиот амбиент и модернизација на општината.