Со цел унапредување на сообраќајната инфраструктура и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, денеска во Кавадарци официјално беше пуштен во употреба новиот кружен тек сместен во непосредна близина на новиот објект на компанијата „Lidl“.
Овој значаен инфраструктурен проект е плод на успешната соработка меѓу Општина Кавадарци и „Lidl“, а во неговата реализација беа ангажирани и локални градежни компании. Со новиот сообраќаен јазол се овозможува значително побезбедно, побрзо и полесно движење во овој фреквентен дел од градот.
На официјалното пуштање во употреба присуствуваа градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, и директорот за недвижнини во „Lidl“, Гоце Гаврилов, кои во своите изјави за медиумите ја нагласија важноста на ваквите капитални инвестиции.

„Ова е уште еден доказ за тоа како преку вистинско партнерство меѓу локалната самоуправа и приватниот сектор можат да се реализираат проекти од директен интерес за сите граѓани. Кавадарци добива уште едно современо инфраструктурно решение кое ќе го растовари сообраќајот и ќе ја зголеми безбедноста“, истакна градоначалникот Митко Јанчев.
Представникот на компанијата, Гоце Гаврилов, исто така го изрази своето задоволство од ефикасната реализација на проектот и одличната соработка со општинските власти и локалните изведувачи.
Реализацијата на овој кружен тек е уште еден чекор напред во континуираниот развој на Кавадарци, град кој преку нови инвестиции, модерна инфраструктура и општествено одговорни партнерства продолжува да ги подобрува условите за живот на сите свои жители.