Градежните активности на Кавадаречки дол влегуваат во својата финална фаза. На терен интензивно се работи на изградба на новиот таложник, со чие комплетирање целосно ќе се за заокружат досегашните градежни зафати на оваа локација.
Уредувањето на Кавадаречки дол е дел од обемниот проект „Справување со загадувањето“, кој Општина Кавадарци успешно го имплементира веќе две години во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Според планот за урбана трансформација, на овој потег е предвидено покривање на каналот во должина од 760 метри, како и комплетно хортикултурно уредување и озеленување на површина од дури 15.000 квадратни метри.


Со завршувањето на градежните и еколошките активности, овој претходно занемарен простор ќе добие сосем нов, современ и еколошки изглед. Проектот директно ќе придонесе за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, заштита на животната средина и подобрување на здравјето на кавадарчани.
Со оваа инвестиција, Кавадаречки дол прераснува во уредена и зелена урбана зона, наменета за рекреација, прошетки и релаксација на граѓаните, што претставува уште еден значаен чекор на Општина Кавадарци кон подобрување на урбаното живеење и создавање почиста и поодржлива средина.