Одбележан Светскиот ден на првата помош во Кавадарци: Средношколците покажаа практични вештини на градскиот плоштад (видео)

Одбележан Светскиот ден на првата помош во Кавадарци: Средношколците покажаа практични вештини на градскиот плоштад (видео)

Со показна вежба за укажување прва помош на градскиот плоштад во Кавадарци, Црвениот крст ја одбележа годишнината од Светскиот ден на првата помош. На настанот учествуваа три екипи од трите средни училишта во градот, кои преку практични вежби и симулирани ситуации ги демонстрираа своите вештини за спасување животи.

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, упати благодарност до раководството и волонтерите на Црвениот крст за нивната континуирана активност во заедницата.

„Првата помош е од огромно значење. Додека да пристигнат медицинските екипи, тие клучни 3 до 5 минути се пресудни. Затоа е исклучително важно нашите млади и сограѓани да знаат како правилно да постапат. Ова е најхуманата и најблагородната работа“, истакна Јанчев, додавајќи дека општината поддржува чекори кон поголема стручна обука и воведување парамедицински кадар.

Димитар Каракулев, член на Раководниот одбор на Црвениот крст на РСМ, ги подвлече основните принципи на кои се заснова обуката: „Научи, реагирај навремено и помогни“.

„Учениците од средните училишта редовно се натпреваруваат и ги усовршуваат своите вештини. Знаењето од прва помош е драгоцено – како во домашни услови, така и во училиштата, на работното место и при патувања. Нашата цел е да имаме минимум повреди, а максимум обучени лица кои можат да спасат човечки живот“, изјави Каракулев.

Од Црвениот крст Кавадарци потсетуваат дека редовно се спроведуваат обуки и курсеви за возачи и за работни организации, со цел секоја институција и компанија да има обучени лица спремни да реагираат во итни ситуации.