ЛЕВИЦА: „Решението“ на ДПМНЕ не издржа ни четири дена – земјоделците повторно на улица

ЛЕВИЦА: „Решението“ на ДПМНЕ не издржа ни четири дена – земјоделците повторно на улица

Левица дава целосна поддршка на струмичките земјоделци кои повторно излегуваат на улица за да го одбранат својот труд и својата егзистенција. Пред неполни две недели Серафимовски им продаде приказна за „договор“ со откупувачите, а договорените цени не издржаа ни четири дена. Токму како што предупредивме, без законски регулирана минимална откупна цена и без механизам со кој државата ќе го обврзе откупувачот, договорот се покажа како обична фарса: пиперката повторно се откупува по 25, а според земјоделците и по 20 денари. 

ДПМНЕ очигледно проверува дали народот ќе заборави што му ветиле, дали сите сме апатични, дали земјоделците ќе се задоволат со една прес-конференција и дали, откако ќе се стиши првичниот гнев, сè ќе продолжи по старо. 
Но, земјоделците знаат колку ги чини една сезона производство и знаат дека со цена која не ги покрива трошоците не можат да ги прехранат своите семејства, а камоли да продолжат да произведуваат следната година. И нека не заборава Серафимовски дека цената беше само едно од нивните барања. За субвенциите од 2025 година чекаа со месеци, а дури со ребалансот во јули 2026 година Владата обезбедува средства за дел од заостанатите обврски. И после сето тоа министерот излегува да се фали дека конечно го „решиле“ системот за аплицирање за новите субвенции. Браво – конечно им овозможивте да аплицираат за следната година, откако со месеци ги оставивте без парите за минатата!

Така изгледа односот на оваа власт кон човекот што произведува: државата не му обезбедува сигурна минимална откупна цена, не му обезбедува сигурен пласман, доцни со субвенциите, го гледа во очи и лаже, а потоа очекува тој да биде благодарен за некаков неформален договор со откупувачите. Затоа денешниот протест на земјоделците е важен: покажува дека има луѓе кои не прифаќаат политичко замачкување на проблемот и дека не се откажуваат затоа што Владата еднаш ги удостоила со состанок.

Левица бара законски регулирана минимална откупна цена за сите земјоделски култури, утврдена според реалните производствени трошоци, за земјоделецот да знае уште пред да произведе дека нема да работи со загуба. Бараме и државни откупни центри, со кои производителот ќе има каде да го предаде и складира родот и нема веднаш по бербата, кога е најранлив, да биде принуден да ја прифати цената на откупувачот.

ДПМНЕ може да се колне во „поддршка на земјоделството“, но кога треба да се избере меѓу производителот и оние што имаат капитал и моќ да ја диктираат цената, изборот на оваа власт секогаш е ист. На земјоделците им фрлаат договори и ветувања за да ги смират, а на откупувачите им ја оставаат моќта. Токму тука ДПМНЕ потфрла – и токму затоа нивниот „договор“ се распадна штом престана притисокот од протестите.

Левица стои со струмичките земјоделци и со секој производител кој одбива да биде доведен до гола егзистенција за некој друг да ја зголемува својата добивка.