Бербата на Вранецот е пред самиот почеток, а лозарите од Тиквешијата повторно влегуваат во најважниот период од годината со истата стара неизвесност, а тоа е по која цена ќе го продадат грозјето и дали ќе можат да ги покријат трошоците за цела година работа.
Откупните цени годинава се утврдени на 21,8 денари за килограм Вранец и 20 денари за килограм Смедеревка, односно повисоки за 0.5 денари и 1 денар во однос на минатат година во ситуација каде имаме зголемување на сите трошоци на производство.
Горивото, ѓубривата, препаратите, работната сила и сите останати трошоци за производство се зголемија.
Лозарот денес вложува значително повеќе за да произведе еден килограм грозје, а за својот производ повторно добива цена која не го следи растот на трошоците.
И тука проблемите не завршуваат.
Објавените откупни цени кои се ниски, власта дополнително им остава простор на винарските визби да можат да ги намалуваат дополнително.
Лозарите повторно се соочуваат со 8% намалување на откупната цена при авансна исплата, одредба која уште минатата година се бараше законски да биде укината.
Наместо лозарот да биде заштитен, повторно му се остава можност можност да биде уценуван со авансна исплата да добие уште помалку за својот труд.
Покрај ова при објавувањето на откупната цена, министерот не го кажа критериумот за шеќерност на двете сорти на грозје, кој остава простор винариите дополнително да ја намалуваат цената.
Се најавува дека одредени винарии ќе бараат повисока шеќерност од реалната технолошка зрелост на грозјето, и за секоја шеќерна единица пониска од утврдената од страна на винаријата ќе се намалува дополнително откупната цена.
Така лозарите ќе добиваат откупни цени многу пониски од онаа што ја најавуваше министерто.
И кој ќе го заштити лозарите од ова?
Каде се сега пратениците од Кавадарци Зоран Јованчев и Весна Ѓорѓиева, кои гласаа против укинувањето на одредбата за 8% намалена откупна цена?
Каде е градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев?
Каде е министерот за земјоделие Борче Серафимовски?
Каде се конкретните мерки за заштита на лозарите?
Цела година лозарите произведуваат. Цела година вложуваат. Цела година ризикуваат.
А кога ќе дојде бербата, повторно се оставаат сами да се снаоѓаат со винариите и со условите кои некој друг ги поставува.
Ова не е прашање само на една берба.
Ова е прашање на опстанокот на лозарството во Тиквешијата.
Лозарите не бараат милост.
Лозарите бараат фер цена и почит кон лозарскиот труд – пишуваат во соопштението од ОО на СДСМ Кавадарци.