По завршената целосна реконструкција, денеска официјално беше пуштен во работа градскиот базен во Кавадарци. Од денеска кавадарчани, а и останатите граѓани имаат модерно место за разладување и рекреација. На свеченото пуштање присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Базенскиот комплекс доби целосно нов лик. Реконструирани се големиот и малиот базен, изграден е современ систем за филтрација и пречистување на водата, поставени се нови водни атракции и тобогани, детски водни реквизити и современо детско игралиште, а целосно се обновени соблекувалните, тушевите, санитарните јазли, лекарската просторија, пристапните патеки и сите придружни содржини.
„По цели 40 години од изградбата ја завршивме реконструкцијата на базенот кој чинеше околу 1 милион евра, грант од владата преку унгарскиот базен. Сега имаме модерен базен“ рече градоначалникот Митко Јанчев.
-Ние не градиме споменици, туку места каде што ќе растат идните шампиони. Секој реконструиран базен, секоја спортска сала и секое игралиште значат повеќе можности за децата, повеќе здравје за граѓаните и повеќе шанси Македонија повторно да создава врвни спортисти. Нашата цел е јасна – спортската инфраструктура повеќе никогаш да не биде оставена да пропаѓа, туку да стане двигател на развојот во секоја општина – истакна министерот Ристовски.
А.Д
