Локалната самоуправа Кавадарци ги започна градежните активности за изградба на нов, современ и побезбеден мост преку реката Луда Мара во селото Марена. Проектот започна со уривање на стариот и дотраен мост, а новиот инфраструктурен објект е проектиран значително да ги подобри условите за движење и да ја зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Според информациите од Општина Кавадарци, инвестицијата е вредна 12 милиони денари, средства кои се обезбедени со финансиска поддршка од Министерството за транспорт.
„Со уривањето на постојниот мост, започнува реализацијата на проектот за изградба на нов и побезбеден мост. Продолжуваме со вложувања во подобра инфраструктура и побезбедни услови за живот на нашите граѓани“, истакнуваат од локалната самоуправа.
Мостот е со вкупна ширина од 8,5 метри, ќе има две сообраќајни ленти и тротоари од двете страни. Со реализацијата на овој проект, жителите на Марена и околните населени места ќе добијат соодветно и модерно сообраќајно решение кое ќе го олесни секојдневниот проток на возила и пешаци.