(ВИДЕО) Одржан форум за дијабетичарите во Кавадарци: Едукацијата е клуч за превенција од компликации

(ВИДЕО) Одржан форум за дијабетичарите во Кавадарци: Едукацијата е клуч за превенција од компликации

Во Кавадарци се одржа форум посветен на потребите, едукацијата и услугите за лицата со дијабетес во локалната заедница. Настанот беше организиран од здружението на лица со дијабетес „Слатка насмевка“ во соработка со Женската граѓанска иницијатива „Антико“.

Претседателката на здружението „Слатка насмевка“, Соња Ристовска, нагласи дека гласот на дијабетичарите мора да се слушне.

„Многу е важна едукацијата на дијабетичарите, исхраната, физичката активност, но и примената на современите технологии. Потребна ни е едукација за тоа како тие технологии да се следат и да се применуваат во секојдневниот живот“, истакна Ристовска.

Гунер Небиу, претседателка на „Антико“, потенцираше дека преку вакви граѓански иницијативи се идентификуваат конкретните проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Таа истакна дека целта е да се креираат препораки и иницијативи што ќе бидат упатени до надлежните институции за подобрување на условите.

Едукаторот во Центарот за дијабетес, Татјана Ѓорговски, истакна дека едукацијата претставува основна превенција од секоја болест, а особено за дијабетесот.

„Добро едуцирана нација е поздрава нација. Нашата цел е лицата со дијабетес да добијат соодветни познавања, но и едукацијата да им биде лесно достапна преку обучени медицински сестри, лекари, нутриционисти и други стручни лица. Со правилна едукација пациентите стануваат свои лекари кои можат на време да го препознаат проблемот и да спречат компликации, што од друга страна го намалува и финансискиот товар врз државата“, порача Ѓорговски.

Таа исто така посочи дека информираноста во помалите места и периферијата е на значително пониско ниво во споредба со главниот град, поради што е неопходно континуирано проширување на обуките и едукативните програми низ целата земја.