Ноќеска пристигнува есента: Започнува годишното време на промени и пократки денови

Ноќеска пристигнува есента: Започнува годишното време на промени и пократки денови

Ноќеска, точно во 2:05 часот по полноќ, на северната хемисфера, вклучително и во Македонија, официјално настапува есента. Во истиот момент, за жителите на јужната полутопка започнува пролетта.

Првиот есенски ден, 23 септември (266-ти ден во годината), ќе трае 12 часа и 7 минути. Во Скопје Сонцето ќе изгрее во 6:22 часот, а ќе зајде во 18:30 часот.

Што значи есенската рамноденица?

Во моментот на рамноденицата, Сонцето се наоѓа директно над екваторот, поради што денот и ноќта траат приближно исто. По овој момент, гледано од Земјата, Сонцето го преминува небесниот екватор и го продолжува своето привидно движење кон јужната хемисфера.

За нас тоа означува постепено скратување на денот и продолжување на ноќта. Сонцето секој ден ќе изгрева сè подоцна, а ќе заоѓа сè порано. Овој процес ќе продолжи сè до зимската краткоденица на 21 декември, кога го имаме најкраткиот ден во годината и кога официјално започнува зимата.

Астрономска наспроти метеоролошка есен

Астрономскиот почеток на есента не се паѓа секогаш на ист датум и во исто време, бидејќи зависи од точниот момент на рамноденицата кој благo се менува секоја година. За разлика од астрономската, метеоролошката есен веќе започна на 1 септември и ќе трае сè до 1 декември.