Богевски: ДПМНЕ панично си го мери рејтингот со народни пари, над милион евра за анкети и пропаганда

Богевски: ДПМНЕ панично си го мери рејтингот со народни пари, над милион евра за анкети и пропаганда

На 1 септември годинава Владата на Мицкоски склучила нов договор вреден 21,2 милиони денари за видео продукција, фотографија и комуникациска кампања за владините проекти. Компанијата која повторно ги добива стотиците илјади евра за промовирање на Владата е „Фрајдеј Комуникации“, а според јавно објавените податоци, нејзин сопственик е МК МЕДИЈА ГРУП ЕООД, компанија регистрирана во Благоевград, Бугарија. Истата компанија и во мај 2025 година добила договор од 23,6 милиони денари за истата намена.

Значи, ДПМНЕ, која гради патриотска реторика околу Бугарија, нема никаков проблем повеќе од 700 илјади евра македонски јавни пари да завршат во компанија со бугарски капитал кога станува збор за нивна промоција.

Додека Македонија во март минатата година беше во жалост по трагедијата во Кочани, само три дена по пожарот Владата склучила договор од 22,8 милиони денари за истражување на јавното мислење и мерење на сопствениот рејтинг. За нешто повеќе од една година Владата потрошила над еден милион евра народни пари за да се снима, фотографира, промовира и да проверува што мислат граѓаните за неа.

Народот плаќа Владата да биде снимена, народот плаќа Владата да биде фотографирана, народот плаќа кампања за да му се објасни колку добро работи Владата, а потоа истиот народ плаќа и анкети за Владата да провери дали успеала да го убеди. Зарем граѓанинот плаќа даноци за Мицкоски секое утро да добива политичка метеоролошка прогноза – дали рејтингот му е сончев, облачен или со можност од врнежи?

За студентскиот оброк Владата и годинава, спротивно на закон, одредува мизерни 140 денари. За покачување на социјалните мерки, земјоделците, јавните услуги и инфраструктурата постојано слушаме пресметки, ограничувања и образложенија колку буџетот може да издржи. Пред само неколку недели онколошки пациенти во Македонија беа принудени да бараат КТ-снимања во приватни установи, каде едно снимање чинеше околу 1.300 евра, бидејќи единствениот државен апарат беше надвор од функција.

Кога власта мора да потроши повеќе од еден милион евра за да се снима, промовира и да проверува дали народот ја сака, тогаш очигледно повеќе не ѝ се доволни сопствените фалби за историски успеси. Владата панично проверува каде ѝ се губат гласачите. Но, наместо да ги отстрани причините поради кои расте незадоволството, ДПМНЕ решило со народни пари да ја менува сликата за реалноста.

Народот нема обврска да го финансира стравот на една власт која очигледно веќе не е сигурна дека народот верува.