СМС ИЗМАМА ВО НЕГОТИНСКО: Впишал податоци за сообраќајна казна, па останал без 60.000 денари

СМС ИЗМАМА ВО НЕГОТИНСКО: Впишал податоци за сообраќајна казна, па останал без 60.000 денари

Жител на неготинско село станал жртва на финансиска измама преку СМС порака, соопштија од полицијата.

Според информациите од МВР, вчера (24.08.2026) во 16:20 часот во ОВР Неготино, 34-годишникот пријавил дека бил оштетен за сума од 59.975 денари. Измамата започнала на 21 август, кога на својот мобилен телефон добил СМС порака во која било наведено дека има неплатена казна за сообраќаен прекршок од 920 денари. Во пораката му било понудено казната да ја плати со 50 проценти попуст доколку отвори приложен линк за регистрација.

Откако ги внел личните податоци и податоците од банкарската платежна картичка, од неговата сметка биле повлечени речиси 60.000 денари, по што сфатил дека е измамен.

Од ОВР Неготино информираат дека се преземаат сите потребни мерки за расчистување на случајот и откривање на сторителот.

Полицијата апелира до граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не ги отвораат сомнителните линкови кои пристигнуваат преку СМС или пораки на социјалните мрежи и да не ги оставаат своите лични податоци и броеви од банкарски картички на неофицијални веб-страници.

фото: илустрација ВИ