Црн билтен во Тиквешијата: Семејно насилство, напади и тешко повредена жена во Кавадарци и Неготино

Црн билтен во Тиквешијата: Семејно насилство, напади и тешко повредена жена во Кавадарци и Неготино

Полициските службеници од ОВР Кавадарци и ОВР Неготино во текот на изминатиот ден и ноќ имаа полни раце работа, евидентирајќи повеќе инциденти, меѓу кои семејно насилство, физички напади и несреќен случај.

Закани со остар предмет кон сопругата во Кавадарци

Синоќа во 22:50 часот, кавадаречката полиција го лиши од слобода 52-годишниот З.Б. од Кавадарци. Тој бил пријавен дека во нивниот дом со остар предмет се заканувал на својата 45-годишна сопруга. Лицето е задржано во полициска станица, известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

Младич со здравствени проблеми ја нападнал мајка си

Ноќеска, десет минути по полноќ, во неготинско село е уапсен 25-годишниот Д.Ш. Според пријавата, тој, иако имал здравствени проблеми, со остар предмет се заканувал и ја нападнал својата 62-годишна мајка, но за среќа не ја повредил. За настанот се известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи Неготино, а по целосно расчистување ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Брачен пар од Скопје физички нападнат во Кавадарци

Вчера попладне на улицата „Бошавска“ во Кавадарци се случил двоен физички инцидент. Најпрво во 13:56 часот, Б.И. (40) од Скопје пријавил дека бил физички нападнат од кавадарчанецот Ј.Ј., кој со дрвен предмет му го оштетил и возилото. Неколку минути подоцна, во 14:13 часот, Р.Т.И. (38) исто така од Скопје пријавила дека на истата улица била физички нападната од сопругата на Ј.Ј. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на овој случај.

Седумдесетгодишна жена со тешки повреди заврши во болница

Вчера во 11:45 часот во ОВР Кавадарци било пријавено дека во Општата болница Кавадарци со тешки телесни повреди била донесена 70-годишната Н.Р. Според сознанијата, таа се здобила со повредите додека извршувала работи во својот двор. Увид на местото извршила екипа од ОВР Кавадарци.