Кавадарци: Пијан возач без дозвола, физички напади врз малолетници и нарушен јавен ред

Кавадарци: Пијан возач без дозвола, физички напади врз малолетници и нарушен јавен ред

Сообраќаен прекршок со висок процент на алкохол во крвта, нарушување на јавниот ред и мир, како и два физички напади се забележани во полицискиот билтен на ОВР Кавадарци за изминатите 24 часа.

Приведен пијан возач без возачка дозвола во 2 часот по полноќ

Ноќеска (11.08.2026) во 02:40 часот, на улицата „Браќа Џунови“ во Кавадарци, полициски службеници сопреле патничко возило „Југо“ со кавадаречки регистарски ознаки.

При контролата било утврдено дека возилото го управувал 32-годишниот И.С. од Кавадарци, кој немал положено возачки испит, а алкотестирањето покажало високи 1,90 промили алкохол во крвта. Возилото му било одземено, а лицето било лишено од слобода и приведено во полициска станица.

Приведен кавадарчанец за навредување полициски службеници

Синоќа (10.08.2026) во 20:05 часот на улицата „Кочо Рацин“, полициски службеници го привеле Т.Н. (50) од Кавадарци. Тој го нарушил јавниот ред и мир така што се однесувал дрско и непристојно кон полициските службеници додека тие преземале службени дејствија.

Двајца малолетници тешко претепале скопјанец пред Градскиот базен

Полицијата расчистува тежок инцидент што претходно бил пријавен од Ф.Б. (20) од Скопје. Според пријавата, пред Градскиот базен во Кавадарци тој и неговиот малолетен брат биле физички нападнати од две лица, при што Ф.Б. се здобил со тешки телесни повреди.

Вчера (10.08.2026), во присуство на адвокат за малолетници и социјални работници од Центарот за социјални работи Кавадарци, бил извршен службен разговор со двајца малолетници од Кавадарци за кои постои сомнение дека се сторители на нападот. За случајот е известен Јавен обвинител.

Напад и закани врз малолетник на булеварот „Цветан Димов“

Полициски службеници завчера извршиле разговор и со В.К. (61) од Кавадарци. Разговорот следувал по пријава од Ј.Л. (40), кој објаснил дека на булеварот „Цветан Димов“, В.К. и уште едно машко лице му се заканувале на неговиот малолетен син, по што другото лице и физички го нападнало момчето.

За сите регистрирани настани е известен Јавниот обвинител и по нивно целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни кривични и прекршочни пријави.