Повторно сме сведоци на обид на СДСМ, преку политички конструкции и манипулации, да создава паника кај лозарите непосредно пред бербата.
Наместо факти – манипулации.
Наместо решенија – партиски памфлети.
Тврдењето дека „власта ги предала лозарите“ е целосно неточно и претставува уште еден очаен обид на СДСМ реалната загриженост на лозарите да ја злоупотреби за дневнополитички цели.
Лозарите од Тиквешијата не заслужуваат политичко лицемерие и празни зборови, особено не од оние кои со години имаа можност да ги решаваат проблемите во лозарството, а зад себе оставија нерешени прашања, проблеми со откупот и неисплатено грозје.
Сега, непосредно пред бербата, СДСМ повторно се обидува да ги плаши лозарите со полувистини, селективно презентирани информации и тенденциозни напади врз пратениците, градоначалникот и министерот.
Да бидеме јасни лозарството не може да се сведе на едно партиско соопштение, ниту проблемите можат да се решаваат со политички пароли.
Особено е важно јавноста да знае што се случуваше во времето кога СДСМ беше на власт.
Токму тогаш беше изгласана измена на Законот со која беше овозможено, доколку самиот земјоделец побара грозјето да му биде исплатено веднаш при неговото предавање во преработувачките капацитети, наместо во законски утврдените рокови, винаријата да изврши предвремена исплата со намалување од 8% од вкупната цена на предаденото грозје.
Значи не станува збор за тоа дека грозјето „се плаќало 8% помалку“ како општо правило.
Станува збор за законски уредена можност за предвремена исплата по барање на самиот земјоделец, пред истекот на редовните законски рокови при што за таквата предвремена исплата била предвидена разлика од 8%.
Ова е факт кој не може да се менува со партиски соопштенија.
За разлика од тоа, сегашната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ презеде конкретен чекор и обезбеди нови 10 милиони евра помош при откупот на црвеното грозје.
Со оваа мерка директно се интервенира во период кога се појави сериозен ризик за откупот, во услови на светски тренд на намалена потрошувачка на црвено вино.
Тоа е разликата.
Едните нудат политички конструкции. Другите преземаат конкретни мерки.
Наместо СДСМ да шири дезинформации за наводно „предавство“ на лозарите, нека одговори зошто, кога тие беа на власт, лозарите со години се соочуваа со неизвесност, проблеми со откупот, неисплатено грозје и низа други нерешени состојби.
Денес на лозарите не им требаат партиски препукувања. Им требаат стабилност, сигурност, откуп и конкретна институционална поддршка.
Кавадарци и Тиквешијата не се место за политички експерименти.
Тука лозарството е егзистенција, традиција и начин на живот.
Затоа ги повикуваме од СДСМ да престанат да го користат трудот и маката на лозарите како алатка за дневна политика.
Лозарите најдобро знаат кој е со нив кога е најтешко, а кој се појавува со политички пароли кога наближуваат избори и берба.
ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци ќе продолжи доследно да ги застапува интересите на лозарите и земјоделците и да се залага за стабилно, сигурно и одржливо лозарство во Тиквешијата.
На лозарите им требаат решенија, а не политички манипулации.
ОК ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци