Левица: Мицкоски ветуваше економска стабилност, а сега позајмува од М-НАВ и МЕПСО

Левица: Мицкоски ветуваше економска стабилност, а сега позајмува од М-НАВ и МЕПСО

Додека во Собранието се расправа за ребалансот на Буџетот, Владата потврди дека се задолжува кај М-НАВ, МЕПСО, Државна лотарија и ЈП за државни патишта. Како причина за ова задолжување се наведува враќањето на долговите кон кинеската банка за автопатите, што претставува уште еден показател за сериозните проблеми со ликвидноста на државниот буџет.

Владите во последните дваесет години, предводени од ДПМНЕ и СДСМ, не изградија јасна економска стратегија со конкретни, мерливи цели за развој на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Наместо долгорочно планирање, економската политика се сведува на импровизации, задолжувања и ребаланси на Буџетот. Отсуството на јасна стратегија овозможува и избегнување на вистинска отчетност пред граѓаните, бидејќи така нивната неспособност и криминалните практики остануваат прикриени.

Буџетот беше во тешка состојба кога ДПМНЕ ја презеде власта пред две години. Токму затоа тие дојдоа на власт со ветување дека ќе воспостават стабилен економски систем и ќе ги консолидираат јавните финансии. Денес, наместо развој на домашната економија, Владата прибегнува кон задолжување кај сопствените јавни претпријатија за да ги сервисира тековните обврски. Домашното производство и извозот бележат пад, додека изостануваат мерки за зајакнување на индустријата, земјоделството и другите стратешки сектори кои треба да бидат двигател на економскиот раст. Наместо економија што создава, добиваме економија што се задолжува, а цената повторно ја плаќаат граѓаните, додека крупниот капитал останува поштеден.

Решението за оваа состојба е државата повторно да стане активен учесник во клучните економски сектори – енергетиката, телекомуникациите, банкарството и земјоделството. Со силен и некорумпиран јавен сектор кој ќе создава стабилни приходи, ќе се отворат можности за сериозни инвестиции во подобрување на животниот стандард на граѓаните. Без конкретни и мерливи економски политики, Владата ќе продолжи да талка без јасна насока во услови на сè подлабока економска неизвесност.

Време е за суштинска промена наместо празни ветувања и политички флоскули. Македонија има потреба од економска политика што ќе создава производство, работни места и стабилни јавни приходи, а не од нови задолжувања и ребаланси кои ја прикриваат неспособноста на актуелната власт.