По невремето што го зафати Кавадарци, веднаш беа активирани сите надлежни служби за брзо санирање на последиците и обезбедување безбедно и непречено функционирање на градот – информираат од локалната самоуправа.
ЈП „Комуналец“ на терен ангажираше повеќе од 30 вработени од различни одделенија. Во акцијата беа вклучени 10 работници и техничар од Одделението за хигиена, 7 вработени од Одделението за зеленило (меѓу кои дрвосечачи, работници и техничар), како и две екипи за износ на смет со два камиони, четири работници, техничар и координатор. Паралелно, Територијалната противпожарна единица интервенираше со две екипи од вкупно 10 пожарникари и командир, додека екипите на ЕВН беа постојано на терен и работеа на отстранување на дефектите и нормализирање на снабдувањето со електрична енергија.

Интервенирано беше на 8 целосно паднати дрвја, а одговорено е и на повеќе од 30 пријави од граѓани за скршени гранки. Истовремено се спроведува вонредно пометување на улиците од прва и втора категорија, како и вонредно собирање на отпад низ целиот град.
Територијалната противпожарна единица во рок од еден час успешно интервенираше на 2 пожари и 4 технички интервенции предизвикани од невремето – велат од општината и додаваат дека сите служби остануваат во состојба на целосна готовност и во текот на вечерта, поради најавите за нов бран дожд и силен ветер.
Се апелира до граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење под високи дрвја и доколку забележат опасност, навремено да ги известат надлежните служби.
