Водата од Тиквешкото Езеро, на мерните места „Брана“ и „Пумпа“, е безбедна за капење и за рекреација, покажуваат најновите лабораториски анализи спроведени согласно важечките регулативи.
Според микробиолошките индикатори, водата на двете локации е оценета со „ОДЛИЧНА“ класа. Мерно место „Брана“: Забележано е отстапување кај заситеноста со кислород (4-та класа), како и кај нивото на амонијак, нитрити и матност (3-та класа). Сите останати параметри се во рамки на високата 1-ва и 2-ра класа.
Мерно место „Пумпа“: Подеднакво добри резултати, со отстапување во 4-та класа за заситеност со кислород и матност, и 3-та класа за амонијак и нитрити. И покрај благите физичко-хемиски отстапувања од стандардната втора класа, стручното мислење потврдува дека овие параметри не се одразуваат штетно врз здравјето на луѓето и водата е целосно безбедна за рекреативци и капачи.