Подолго од две седмици Кавадарци е на прво место по бројот на нои случаи на ковид 19 во однос на бројот на жители. Од петокот, заклучно до вчера има 57 нови дијагностицирани. За 24 часа, заклучно до вчера, на ковид одделот во кавадаречката болница се примени пет нови пациенти и во моментот на лекување се 44 пациенти. Слободни се 16 болнички кревети.
Статистиката покажува дека од почетокот на пандемијата заклучно до вчера има вкупно 2953 случаи од кои 419 се активни. Вчера како оздравени се евидентирани 18 пациенти.
И покрај големиот број на нови позитивни случаи на корона вирус во Кавадарци веќе подолг период, општ е впечатокот дека граѓаните се опуштени, исто како пандемијата да е веќе завршена. Превентивните мерки се помалку се почитуваат. Маски се носат неправилно, или воопшто не се носат. Групирањата не се запрени, особено масовни се дружбите во кафулињата, а не ретко позитивни на вирусот, се шетаат низ градот.
И покрај тоа што маски се помалку се носат, а е задолжително, вчерашната статистика од СВР Велес покажува дека за периодот 14 /15 февруари, во Кавадарци полицијата не забележала ни едно лице кое е без маска.
Лекарите велат дека со ваквиот однос од граѓаните и тоа што вакцинацијата е сеуште далеку, бројот на позитивни случаи уште долго ќе се зголемува.
А.Д
Извештај на ИЈЗ од 8 до 14 февруари, 2021 г: Зголемување од 5,3% на нови случаи и намалување од 34,8% на починати, процентот на позитивност 12,9% Највисока неделна инциденца од 425,2/100.000 е регистрирана во Кавадарци.