Помор на риба во рибници на Тиквешкото Езеро

Помор на риба во рибници на Тиквешкото Езеро

Голем помор на риби кај производителите на крап, се случува во моментот на Тиквешко Езеро, а почнувајќи од утринските часови во текот на вчерашниот ден и се` уште трае, алармираат сопствениците на компаниите „Златен крап“ и „Дошница“ кои одгледуваат крап во кафазен систем.

 

„Целото производство од преку 120 тона ни е загрозено. Настојуваме на секаков начин да интервенираме, вклучително и со додавање на вештачки кислород во водата како би ја спречиле оваа катастрофа, но развојот на ситуацијата е се` уште неповолен“, велат од „Златен Крап“.

 

Забележително е катастрофално ниското ниво на акумулацијата во изминатиот период и нејзиното интензивно празнење, кое трае и во моментот. Измереното ниво на кислород во водата е спуштено на алармантни 2 mg/L 

 

„Ова е за повеќе од половина од вообичаено присутниот кислород (4 до 5 mg/L) во нашите води, а кој е неопходен за опстојување и добра кондиција на рибата. Моментално штетата е околу десетина илјади евра или во количина околу 3.500 килограми. Количината на вкупниот рибник е 120 тони. Земени се примероци од угинатите риби за анализа“ ни изјави сопственикот на „Златен крап“, Љупче Танев.

 

И покрај тоа што позицијата на рибниците е точно над поранешното течение на Црна Река, овој помор до моментот се случува само во овој дел. До сега не е забележан помор на другите рибници, но ризикот секако постои, особено што пред неколку години истиот проблем се појави кај целата акумулација и тогаш беше уништено речиси 60-70% од производството на сите производители.

 

Сопствениците со кои раговаравме информираат дека за проблемот веќе ја алармирале владата и министерството за земјоделство, а вчера увид извршил и ветеринарен инспектор. Биле земени  мостри од водата од страна на ЦЈЗ Кавадарци, а однесени се мостри од водата и примероци од угината риба во Агенцијата за Храна и Ветеринарство во Скопје на дополнителни анализи и испитувања.

 

А.Д