40 години од смртта на Никола Бадев

40 години од смртта на Никола Бадев

  На 25 септември   се навршуваат 40 години од смртта на бардот на македонската народна музика, големиот  Никола Бадев. Роден е во селото Глишиќ на 8 август 1918 година во земјоделско семејство. Со неполни 10 години започнал скришум да свири на виолина, а во неговите почетоци во музичката наобразба многу му помогнал неговиот вујко Васил Неделков, кој пак самоуко свирел на неколку музички инструменти.

 

      Уште како млад, како и поголемиот дел од младите луѓе, го сакал многу спортот, особено фудбалот, а во фудбалскиот клуб “Југославија“, игра на местото десно крило. Никола се оженил релативно млад и во бракот со Милка имаат три деца: Ристо, Роска и Сузана. Воениот рок го служи како војник на старата југословенска војска, каде го затекнува и почетокот на Втората светска војна. Бил симпатизер на НО движење, а во редовите на НОВ се вклучува во септември 1944 година како борец-болничар во Втората македонска ударна бригада.

 

     По завршувањето на војната Никола завршил курс за медицински техничари и болничари и се вработил како санитарен инспектор-хигиеничар во Кавадарци. Во Кавадарци и пошироката околина Никола Бадев веќе бил познат како пеач, а неговиот убав и пријатен мекамлиски глас, многумина кавадарчани сакале да го слушнат на свадбите и другите организирани забави и другарски вечери во Кавадарци.

 

      По освојувањето на првото место на Фолклорниот фестивал во Скопје (1948) година, Никола Бадев оставил многу силен впечаток кај големиот македонски етномузиколог и мелограф Васил Хаџи Манов. Со негова препорака и по негова сугестија Никола ја започнал својата професионална кариера како пеач и инструменталист на тамбура во 1950 година. Набргу потоа тој станал и член на Народниот оркестар, а нешто подоцна и негов раководител. Забележан од тогашните познати македонски етномузиколози Никола Бадев набргу станал и член на Државниот ансамбл за народни песни и игри “Танец“ од Скопје, со кого го афирмирал македонскиот мелос ширум светот.  За потребите на Радио Скопје Никола Бадев  има снимено повеќе од 500 македонски народни песни, меѓу кои и антологиските:“ Збогум мајко, јас отидов“, “Ој Јано Јано“, “Параходот ми пристигна“, “Тешка беше нашата разделба“, “Билјана платно белеше“, “До три ми пушки пукнаа“, “Ферман дојде џанам од Стамбола“, и др. Никола има снимено дуети со Анка Гиева, Васка Илиева, Есма Реџепова, Благој Петров-Караџуле, Александар Сариевски и др.

 

    Својата прва грамофонска плоча Никола Бадев ја сними за продукцијата за грамофонски плочи “Југотон“, а тоа беше песната: “Тешка беше нашата разделба“. Никола Бадев е една исклучителна појава во  во интерпретирањето на македонската народна песна. Тој беше и остана човек од народот и негов исклучителен претставник. Со неговото вклучување во ансамблот на Радио Скопје му овопзможи на овој талентиран народен пеач да го изгради и култивира својот исклучителен глас. Во тоа нешто многу му помогнаа етномузиколозите Васил Хаџи Манов и Живко Фирфов, со што успеа да го издигнат  до највисок степен афирмирањето на изворниот народен мелос.

 

   За време на својата долга и плодна кариера Бадев добитник на голем број награди и признанија, меѓу кои и тиражните сребрена и златна плоча на РТВ Белград. Никола Бадев умре во Скопје на 25 септември 1976 година на 58 годишна возраст.

 

                                                                                               Мики Камчевски 

 

(ВИДЕО) Документарна емисија за Никола Бадев