24-та седница на советот на општина Кавадарци
22-12-2014 РЕГИОН

Кавадарци го доби буџетот за следната каса . Советот на општината денеска го изгласа најважниот финансиски документ. Касата на Кавадарци за 2015 е планирано да тежи 664.957.000 денари. Основниот буџет е проектиран на  311.735.000 денари. Пред почетокот на советничките дискусии градоначалникот Александар Панов даде образложение на планираните проекти кои треба да се реализраат следната година, а чија реализација е директно поврзана со општинската каса. Панов нагласи дека буџетот е развоен и во него се содржани приоритетите на граѓаните за следната година. Најави продолжување со комуналната изградба, реконструкција на улици, социјална подршка на граѓаните, подршка на трите институции од културата, подршка на спортот. Иако е амбициозен, овој буџет сепак е реален, нагласи Панов. По словодна проценка Кавадарци годинава планира 40 милиони денари во буџетот да се слеат од концесии. Доколку не се реализира планираното тогаш, како што рече Панов  овие планирани приходи ќе се надополнуваат од продажба на градежно земјиште сопственост на општината. Градоначалникот ги напомена и капиталните проекти кои треба да се реализираат следната година, јавно приватно партнерство за зонско паркирање, градски базен, изработка на генералниот урбанистички план, нова противпожарна зграда, деловен трговски центар, лифт за лицата со посебни потреби во општинската зграда.

„Кавадарци треба полека да ја затворавратата за крчење на земјоделското земјиште за изградба на индустриски капацитети, бидејќи општината располага со над 20 ха индустриско земјиште и треба да се насочиме кон браун филд инвестиции“ рече Панов.

Советниците од опозицијата забележаа дека повторно градоначалникот нуди преамбициозен буџет кој тешко може да се реализира.

„Минатата година ни ветивте дека следниот буџет што ќе ни го понудите ќе биде реален и ќе биде по мерка на граѓаните. Сега ни нудите поголем буџет и од ланскиот. Ќе бевме среќни доколку зголемениот буџет се должи на реално подобрена  економска состојба во општината.  Годинава не очекувам основниот буџет да се реализира повеќе од 200 милиони денари, бидејќи лани се реализираа 160 милиони денари“ рече советникот од СДСМ Зоран Бањански и обвини дека во буџетот за 2015 се кратат приходи од фондови на ЕУ, а се зголемуваат планираните трошења за луксузирање. Порача дека општината треба да ставе акцент на инфраструктурно уредување и изградба на атмосферска канализација. Според него не било во ред  општината да купува ново возило, туку тие пари да се насочеле за други приоритети.

„Амбициозноста е обврска повеќе да го реализираме овој буџет. Ако  го решивме водоснабдувањето следен чекор е канализцијата. Спремен сум да го повлечам предлогот за ново возило, но не е во ред градоначалникот и советниците да се возат во возило кое е неисправно и небезбедно“ реплицираше Панов.

Советникот Горан Белевски смета дека градоначалникот дал сувопарно образложение на прелдожениот  буџет. Рече дека се билдале планираните буџетски приходи со цел да се ветело пред граѓаните се и сешто, а предложениот буџет за следната година бил нереален и не развоен.

“Трошоците за плати за нови вработувања, за шетки во странство се покачени, средствата за улици се намалени. Немате ништо предвидено за колекторот и прочистителната станица во Мерена. Инфраструктурата е основа за развој на општината и на бизнисот“ рече меѓу другото во својата дискусија советникот Белевски и понуди неколку амнандмани кои делумно беа прифатени од градоначалникот.

Кооридинаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ; зоран Јованчев рече дека ќе го подржат предложениот буџет за следната година.

Советникот од ГРОМ, Димитар Зарков нагласи дека општината треба да посвети поголемо внимание и на делови од периферијата на градот но и на јавното осветлување. Да се посвети внимание на собирање на средствата од концесија, апелираше Зарков.

По подолгото дебатирање за буџетот сепак тој ја доби подршката од советниците.

На денешната седница, беше верификуван мандатот на новиот член на советот Божанка Минова од ГРОМ која доаѓа на местото на Златко Јованов кој поради директорксат позиција на ОМБУ„Лазо Мицев Рале“ мораше да се откаже од советничката функција.

Советот на денешната 24-та седница  одлучуваше  и по предложените програми за уредување на градежно земјиште, за изградба реконструкција и одржување на локалните патишта во општината, за располагањетосо градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачлјето на општина Кавадарци. Исто така се разгледуваа  и програмите за јавна чистота, за уредување и одржување на зелените површини, за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, за управување со отпад, за изработка и донесување на урбанистички планови, за развој на општината, за развој на невладиниот сектор за меѓународна соработка. На дневен ред на оваа последна седница за оваа година беа  и програмите за активностите на општината во делот на културата и спортот,  за одбележување на годиншнини на значајни настани и личности.

Советот ќе разгледуваше  и неколку предлог одлуки, а исто така и програмите за работа на ЈП Комуналец, општинскиот совет за превенција од малолетничко престапништво и ЈП „Јасмин“



Додади коментар