14-та седница на советот на општина Кавадарци - Донесени неколку значајни одлуки
30-08-2018 РЕГИОН

 

Советот во рамки на денешната седница донесе одлука со која за приоритетни ги избра проектите за реконструкција на водоводната и канализационата мрежа во селото Сопот и изградба на велосипедска и пешачка патека од мостот во Ваташа до моклишката воденица.

 

Раководителот на секторот за локален економски развој, Тодор Ефремов пред советниците образложи дека со овие два проекта општината ќе конкурира пред агенцијата за финансиска подршка на руралниот развој.

 

Советниците едногласно донесоа одлука за продолжување на работното време за два часа на угостителските објекти за време на манифестацијата Тиквешки гропздобер, и одлука со која се утврдени локациите за паркирање и цената која ќе се плаќа. Едногласно беа донесени неколку одлуки за одобрување на финансиски средства од буџетот, како и одлуки за примање на донации.

 

Со одлука на советот ЈП Комуналец доби виза за долгорочно задолжување пред државата со кредитни средства кои ќе бидат искористени за реконструкција на водоводната и канализационата мрежа.

 

Исто така советот едногласно ја прифати одлуката противпожарната единица да донира огревни дрва за ООУ „Тошо Велков Пепето“.

 

И понатаму социјалните случаи ќе бидат ослободени од плаќање на сметките за комунални услуги, со тоа што сега листата на овие лица е проширена и со корисници на постојана парична помош, рече градоначалникот Јанчев и образложи дека се работи за одлука донесена од претходниот состав на совет и градоначалник, а сега се продолжува.

 

Советот ја поништи претходно донесената одлука за покачување на надоместокот кој го плаќаат пазарџиите, бидејќи тие побарале подобрување на условите кои се нудат на градскиот зелен пазар.

 

„Се работи на нов ДУП за пазарот, а исто така се работи и на план за градба на нов пазар следната година. Кај неизградениот суд ќе се направи нов алтернативен пазар додека се реконструира градскиот зелен пазар. Кога ќе се подобрат условите на пазарот повторно ќе бидат покачена цената на надоместокот што го плаќаат пазарџиите“ образложи градоначалникот Митко Јанчев.

 

Советниците едногласно донесоа одлука и за обесштетување на девет семејства од селото Возарци, чии домови беа поплавени при невремето на 26 овој месец. Градоначалникот пред советниците ги презентира сумите кои ќе им бидат доделени на овие семејства како и имињата на сопствениците на поплавените објекти.


Ангел Данов

 

Додади коментар