Триесет и пет годишниот К.Л од Скопје го загуби животот во сообраќајната несреќа што денеска во 10.10 часот се случи на патот Кавадарци-Прилеп во близина на поранешната кафеана „Ловец“.
Од полицијата ја потврдија несреќата и информираа дека се случила помеѓу патнички автомобил, мерцедес, со скопски таблички на такси компанија и камион „Волво“ со велешки регистарски ознаки, управуван од триесет годишниот Ј.Г од Велес.
Мерцедесот директно удрил во камионот. Од силината на ударот, возачот на автомобилот К.Л. бил приклештен во возилото и загинал на лице место, додека две лица, М.И. (64) и А.И (31), мајка и ќерка, сопатници во такси возилото се здобиле со телесни повреди.
„Успеавме експресно да интервенираме и да ги извлечиме повредените“ рече командирот на противпожарната единица Кавадарци, Илчо Богевски. Тој нагласи дека благодарение на новите ножици што ги доби противпожарната единица многу им е олеснета работата, а истовремено побрзо е дејствувањето за да им се помогне на повредени во сообраќајни несреќи.
„На одделот за хирургија примени се две пациентки, мајка и ќерка, повредени во несреќата, сопатници во такси возилото. Мајката е со хематом на главата, а ќерката има скршеници на под колениците. Стабилизирана е нивната состојба и надвор од животна опасност се препратени на скопските клиники“ рече д-р Дано Кулев, началник на хируршкото одделение во кавадаречката болница.
А.Д
Додади коментар