Четврта седница на кавадаречкиот совет
24-07-2013 РЕГИОН

Два концепта за годинешнава манифестација Тиквешки гроздобер беа дел од расправата на денешната четврта по ред седница на кавадаречкиот совет. Советниците дебатираа по програмата за организирање на културно стопанската туристичка манифестација Тиквешки гроздобер 2013. Советниците од опозицијата предлагаа организацијата на оваа манифестација по пат на јавен повик да биде доверена на специјализирана агенција и по примерот на Пиво Фест и струмички карневал,  општина Кавадарци да има финансиска корист од одржувањето на истата. ВО дискусиите на советниците беше речено дека треба општината да инкасира пари од наплата на паркинг простор од гостите кои доаѓат за време на гроздоберот. Беше споменат примерот од општина Прилеп. За секое паркирано возило да се наплаќа по 100 денари. Како што беше речено, во 21 век мора да се гледа профитот бидејќи тоа е темел за економски развој. Исто така беше предложено на манифестацијата гостите да ги забавуват атрактивни естрадни уметници, а манифестацијата да биде повеќе рекламирана во медиумите за да се привлечат и повеќе гости.

Градоначалникот Александар Панов смета дека ваквиот концепт не е време да се реализира. Нагласи дека Тивкешкиот гроздобер не треба да се споредува со Пиво фест или струмички карневал од повеќе причини. Јавно обелодени дека визбите не се заинтересирани да донираат поголеми средства за подршка на манифестацијата, а најмалку да се плаќаат скапи естрадни уметници.

„Општината нема корист со средства од буџетот да покрива хонорари за скапите пеачи. Не е во ред и да им наплаќаме на гостите за паркирање, бидејќи и немаме што да им понудиме како паркинг простор. Многу е тешко винариите кои имат штандови за време на гроздоберот и останатите угостители да се убедат дека треба да го форсираат виното, а не пивото. Имавме случаи пред две години кога организацијата и беше доверена на специјализирана агенција, но посебен ефект од тоа и немаше “ рече Панов.

Со 10 гласа „за“, 5 „против“ и 1 „воздржан“ сепак програмата предложена од градоначалникот Панов беше усвоена од советот. Во неа се содржани планираните активности. И годинава ќе има детски и вински карневал, културно уметничка програма, спортски активности, вински боемски вечери. Во прогрмата се предвидени 2 милиони денари од буџетот на општината.

На денешната седница без дискусија беше усвоена прогрмата за изменување и дополнување на програмата за изработка на урбанистички планови на општина Кавадарци за 2013 година и информацијата за мерките и активностите на Центарот за управување со кризи Кавадарци.

Советниците денеска ја искористија и можноста да поставуваат советнички прашања.  Седницата во целост ќе можете да ја следите во текот на утрешната претпладневна програма на КТВ.

Ангел Данов



Додади коментар