Царовска: Додатокот за трето дете и понатаму ќе се исплаќа на семејствата што го стекналe правото

 

 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од опозицијата ги повика пратениците со национален консензус да ја изгласаат социјалната реформа, затоа што со неа ќе се намали сиромаштијата и ќе се подобри животот на секое дете во Македонија. Царовска уште еднаш од собраниската говорница потенцираше да не се манипулираат граѓаните дека додатокот за трето дете се укинува туку дека тој се унапредува во ефективна мерка која треба да даде ефекти во демографската политика.

 

„За сите оние коишто го оствариле правото досега и оние коишто ќе го остварат правото во наредните 10 месеци по носење на законот за да може да го родат детето што веќе е зачнато, ќе го остваруваат правото уште 10 години по стариот закон. По овој период и понатаму ќе продолжиме со еднократна исплата за прво, второ и трето дете. Наместо да даваме по 8.000 денари на граѓаните кои имаат доволно пари и богатите, парите ги насочуваме кон сиромашните кои вистински имаат потреба од поддршка. Тоа е дел од владината програма и на тоа се фокусираме. Сметам дека само таква политика може да даде намалување на сиромаштијата во нашата држава“, рече Царовска.

 

Министерката истакна дека државата мора да ја менува политиката кога станува збор за наталитетот бидејќи досегашните субвенции не ги дале очекуваните резултати.

 

„Затоа што сакате да дискутирате за наталитетот кој во ваше време драстично опадна и по воведувањето на мерката јас ќе мора да ви ги цитирам податоците. Наталитетот во Македонија во 2010 година бил 11, 8%, а во 2017 10,1%. Вашата мерка за десет години не даде резултати. Јас велам дека не е добра мерка. Дури и други фактори да влијаеле на наталитетот во државата вашата мерка барем ќе го одржеше наталитетот, но наталитетот драстично опаѓа“, рече министерката Царовска, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од Трајко Димков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Царовска потенцираше дека е подготвена како министерка да дискутира за демографска политика на која сериозно треба да се работи за да се постигнат резултати.

 

„Затоа сметам дека сите заедно со национален консензус треба да седнеме и да донесеме нова политика за демографија која што на долг рок ќе ги даде ефектите. Затоа што демографски ефекти ние за една, две и пет години не можеме да донесеме.И токму затоа таа стратегија треба да е биде опфатена и прифатена од сите заедно и да видиме добри резултати во растот на наталитетот за следните 15 години“, рече министерката Царовска.

 

Додади коментар