Царовска: Вработените во градинките добиваат за 16% повисоки плати, ова е најголемо покачување досега

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска се сретна со вработените од градинките во Клуб на пратеници, кадешто беше презентиран новиот систем за плати.

 

„Навистина сум среќна што кадарот во градинките, заслужен за грижата на нашите деца, кои се иднината на нашата држава, добија драстично зголемување на платите. Почнувајќи од јунската плата којашто на поголемиот дел од вработените веќе им е исплатена, стручниот кадар доби зголемување во просек од 16% што е околу 3.000 денари во нето износ по вработен. Во септември годинава вработените во детската заштита ќе добијат и уште едно зголемување од 5%. Со тоа вработените во детските градинки во Република Северна Македонија добиваат покачување на платите за 21%, коешто е најолемо до сега“, изјави Царовска.

 

Нето платата на воспитувач со високо образование се зголемува за 16,26% односно од 20.546 денари на 23.731 денар, а со пресметан минат труд за вработен со 15 години стаж ќе изнесува 25.511 денари. Зголемувањето на платите се прави согласно Законот за вработените во јавниот сектор и со него ќе бидат опфати 3.138 вработени од вкупно 4.577 вработени односно 68,5%. Во оваа група влегуваат воспитувачи, негователи, стручни работници и стручни соработници-педагог, психолог, логопед, дефектолог и други за вршење на работи поврзани со дејноста згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Истовремено се зголемуваат и платите на помошно техничкиот пероснал во градинките и ова покачување е утврдено со колективниот договор.

 

За прв пат се воведува кариерен развој на воспитувачите/ките, но и систем на плати за директорите/ките на градинките чија висина ќе варира од капациетот на бројот на децата. Министерството за труд и социјална продолжува посветено да работи на унапредување на раниот детски развој којшто е клучен за понатамошниот развој на секое дете.

 

„Со зголемувањето на платите, но и со проширувањето на капацитетите на градинките и јакнењето на професионалните компетенции го враќаме достоинството на професијата воспитувач која што беше заборавена години наназад“, дополни Царовска.

 

Директорката на градинката „Мајски цветови“ во Карпош, Ангела Ангеловска Усевска, која се обрати во името на сите вработени во градинките, рече дека за прв пат после долго време во предучилишното образование и воспитание се случуваат позитивни промени.

 

„За прв пат е пропишан кариерен развој и се воведува напредување на стручниот кадар, што ќе делува мотивирачки на вработените кои и досега и покрај ниските примања беспрекорно ја извршуваа својата работа и беа ентузијасти. Ова е мотив плус да дадат се од себе, бидејќи ова е професија којашто пред сѐ бара љубов кон децата“, рече Ангеловска Усевска.

 

Заложба на МТСП е опфатот на деца во предучилишно образование да се зголеми за 50%. Во изминатите две години се отворени 24 нови објекти, а досега се обезбедени 1.400 согласности за вработувања во градинките. За изградба на нови градинки годинава МТСП издвои 300% поголем буџет од лани, а за оваа намена се достапни и 15 милиони евра од Светска Банка.

 

Додади коментар