Утре ќе се одбележат 102 години од Тиквешкото востание
18-06-2015 РЕГИОН

На споменикот на жртвите во Тиквешкото востание од 1913 година во парк „полана“ во Кавадарци ќе се одбележат 102 години од овој настан. Делегации од локалната самоуправа ќе положат свежо цвеќе на споменикот на жртвите. За настанот ќе говори директорот на Музеј галерија Кавадарци, Петре Камчевски. Свое обраќање ќе има и градоначалникот на општина Кавадарци, Александар Панов.

Тиквешко востание е прв организиран масовен народен вооружен отпор против српската власт којашто ја окупирала Вардарска Македонија по повлекувањето на турските сили по Првата балканска војна. Востанието започнало на 19 јуни 1913 година, во Тиквешијата и траело седум дена. Тиквешкото востание е самостојно дело на тиквешкото население, спонтано организирано и раководено од месните дејци, револуционери и војводи на Организацијата, а потпомогнато од четите на ВМРО.

Востанието е предизвикано од насилствата вршени од српските окупаторски власти врз населението при напорите за асимилација и посрбување. Српските власти упатуваат јавна закана до населението дека секој оној којшто ќе се спротивстави на новата власт ќе биде погубен.

После седум дена Србите испраќаат голема војска предводена од Василие Трбиќ, како и од Јован Бабунски и Јован Долгач. На помош на српската војска иде и башибозук на Јаја Ага со 250 вооружени луѓе. Тиквешките востаници, заедно со четите на војводите Христо Чернопеев и на Петар Чаулев се оставени сами да се соочат со српската војска, но не успеваат во своите напори. Во востанието загинале околу 1.000 тиквешани од коишто на 500-тина имињата со сигурност им се знаат меѓу кои голем број мажи, жени, деца и старци биле убиени, заклани и живи изгорени.

150 кавадарчани се врзани на колје во центарот на градот и се оставени да висат 30 часа под пеколното сонце, а после тоа заедно со уште 50 други кавадарчани се одведени во месноста Полјаната и стрелани. Запалени биле над илјада куќи, а околу 2.700 луѓе биле затворени. Војската вршела страшен терор и во реонот околу Криволак - колеле луѓе, а во фурни ги гореле децата.

А.Д



Додади коментар