Стефанс вајнари: „Започната е продажбата на вино, наскоро ќе се исплати и грозјето“
13-05-2016 РЕГИОН

И винарските визби се соочуваат со проблеми при продажбата на вино, а аналогно на тоа и со исплата на долгот кон своите партнери – лозарите. Со пласман при продажбата на виното  е соочена и Стефанс вајнари од Кавадарци. Како што велат првите луѓе на оваа винарија,  поради големата конкуренција со евтино вино од други европски земји задоцнета е продажбата на вино, а со тоа оддолжено е плаќањето на откупеното грозје.

 

Денеска од „Стефанс вајнари“ најавија дека продажбата на вино веќе била започната и сите пари што ќе се наплатат ќе бидат наменети за исплата на долгот кон лозарите.

 

„Малку подоцна започнавме со испорака на виното,  бидејќи германскиот пазар беше преполн со вино од други држави. Полека,  сега започнуваме со испораката на нашето вино. Грозјето на лозарите ќе биде исплатено во целост,  иако е со мало закаснување. Ја цениме нивната подршка. Сакаме да не разберат дека е потешка ситуацијата, поради подоцната испорака на вино. Веќе имаме договори со купувачи од Германија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна. Иако е со забавено темпо виното ќе биде испорачано и за брзо време се надеваме ќе биде исплатено и грозјето на лозарите“ рече во ијава за КТВ,  Питер Франкевиќ  ко-сопственик  на  „Стефанс вајнари“.

 

Оптимистички најави до лозарите доаѓаат и од менаџерот на винаријата Јордан Настов. И тој проговори за причината поради која се доцни со исплата на грозјето и ги демантираше гласините кои создават паника кај лозарите дека виното е продадено, а парите не им се исплатени.

 

„За разлика од ланската година кога германските партнери виното го повлекуваа во ноември, декември, јануари и во февруари беше завршена испораката, годинава имаше голем суфицит на вино,  поготово на вино од Шпанија и Португалија. Германците преферираат да го потрошат прво нивното вино,  кое е и поевтино од македонското. Поради тоа дури во март започнавме со испорака на виното за германските партнери. Од март веќе има редовна испорака, согласно утврдената динамика и со рокови на плаќање кои тие ги бараа. Тоа е главната причина зошто досега имаме исплатено само дел од грозјето. Очекуваме редовна наплата на виното и сите средства што ќе доаѓаат од продаденото вино ќе бидат искористени за плаќање на лозарите. Се извинуваме што дојде до доцнење во исплатата. Ќе настојуваме да го обесштетиме тоа и да ја зачуваме довербата која што ја имавме минатите и години и да продолжиме со соработка и оваа година“ рече Настов и најави дека од овој месец „Стефанс вајнари“ започна и со флаширање на вино кое ќе биде достапно на домашниот пазар и на пазарите во Србија, Хрватска, Словенија и во Босна.

 

Оваа новина, додава Настов, е уште еден стимул за винаријата и за лозарите.

Aнгел Данов

Додади коментар