Синоќа екстремно беше загаден воздухот во Кавадарци
04-12-2018 РЕГИОН

 

425 микрограми на метар кубен ПМ10 честички беа измерени синоќа во Кавадарци. Овие податоци се највисоки досега регистрирани од мерната станица во градот по стартот на грејната сезона.

 

Граѓаните бараат итни мерки за намалување на загадувањето. Инспекторот за животна средина при општина Кавадарци, Јованче Колев тврди дека воздухот еднакво го загадуваат и граѓаните, но и фирмите.

 

„Се вршат редовни и вонредни контроли на терен. Се констатира горење на гуми и пластика на отворено, но има и домаќинства кои покрај јаглен за затоплување користат и прегорено масло. Изречени се опомени и прекршочни казни“ информира Колев.

 

Активистите од „ЕКО АЛАРМ' бараат да се воведи забрана за градежни активности од поголем обем, привремена забрана за транзит на тешки товарни возила низ градот, инспекциски служби постојано на терен да вршат увид, а да биде отворен и дежурен телефонски број за пријавување на забележани загадувачи. Тие предлагаат и редовно миење на улиците.

 

„Најмногу загадувањето не само во нашата општина туку и во Европа доаѓа од согорувањето на јагленот. Тука влегуваат и индустриските капацитети кои имаат некои слични видови на горива и сите граѓани како поединци придонесуваат за ова. Нашите насоки за подобрување на оваа состојба ќе бидат со подигање на еколошката свест и подобрување на инспекцискиот надзор со најновите технологии на мерни инструменти кои ќе го покажуваат точниот извор на загадување. Тие инструменти во Европа постојат но во Македонија сеуште не“ вели  претседателот на „Еко живот“, Роберто Паризов.

 

 

Ангел Данов

 

Додади коментар