Се модернизира кавадаречката болница (ФОТО)
23-02-2018 РЕГИОН

 

Кавадаречката болница е на пат да го оправда регионалниот карактер на медицинска установи што го има за Тиквешијата. Таму во изминатиот период интензивно се реализираат проекти за подобрување на условите за пациентите, но и да се добие квалитетна медицинска услуга.

 

При денешната посета на болницата можевме да ги забележиме целосно реновираните тоалети за пациентите лоцирани на приземјето од болницата. После 30 години откако е отворена болницата за прв пат се реновираат санитарните јазли кои беа грда слика за болницата. Сега тоалетите се опремени со современ инвентар а заменети се и влезните врати во машкиот и женскиот тоалет. Хигиената е на високо ниво. Хигеничарите се задолжени да ги чистат тоалетите на секој половина час. Но тука се наметнува потребата и за поголема култура од пациентите.

 

 

Реновирањето на тоалетите чини 270.000 денари и во целост е донација од приватен стопанственик.

 

 

Во изминатиот период интензивно се работи на средување и оградување на дворот на болницата. Директорот на болницата д-р Диме Коцев информира дека на пролет ќе се изврши целосно хортикултурно уредување.

 

 

„Поранешниот салон на интерно одделение исто така го реновиравме и преадаптиравме. Сега таму е отворена интернистичка амбуланта за потребите на интернистичкиот оддел и административни простории. Набавен е нов ЕКГ апарат во вредност од 75.000 денари, исто така апаратот е набавен со донација од приватен стопанственик“ рече д-р Коцев.

 

 

 

Тој нагласува дека болницата во Кавадарци се стреми да стане една од најопремените, најсредените и најквалитетните болници во Македонија. Граѓаните на Кавадарци и Тиквешијата заслужуваат поквалитетни здравствени услуги, додава првиот човек на оваа здравствена установа.

 

Со донација од компанијата „Црна река петрол“ во вредност од 150 илјади денари комплетно се опремени два апартмани за анестезиологот и гинекологот кои доаѓаат од други болници и се работно ангажирани за пациентите на кавадаречката болница.

 

Дознаваме дека во наредниот период болницата во Кавадарци ќе добие компјутерски томограф, нови ултразвучни апарати за секој оддел, ќе се извршуваат хируршки интервенции кои досега не се вршени во болницата.

 

Во изминатиот период се брендира болницата со лого, се поставија нови влезни врати со што  значително е подобрено  затополувањето на ходниците. Со донација од ИГМ трејд се набави ново болничко возило и се поставува ограда на болницата.

 

Ангел Данов



Додади коментар