СДСМ: Наќе Чулев да понесе оставка веднаш бидејќи свесно го загрозува здравјето на граѓаните (ВИДЕО)
30-05-2020 РЕГИОН

Бројките на новозаболени лица кои ги бележиме деновиве се директна последица од неработењето, популизмот и партиското профитерство на техничкиот министер Наќе Чулев и неговиот шеф Христијан Мицкоски - обвинија денеска од ОО СДСМ Кавадарци.

 

(интегрален текст) Со крајно неодговорната, евтина и популистичка изјава дека граѓаните не треба да се санкционираат кога не ги почитуваат мерките и задолженијата, Наќе Чулев директно поттикна непочитување и прекршување на рестриктивните мерки и задолженија.

 

Јавноста во бројни наврати беше сведок на масовни прекршувања на забраната за движење, забраната за групирање, непочитување на задолжително носење заштита опрема, а полицијата предводена од Чулев не преземаше ништо.

 

Чулев и Мицкоски немаат никаква почит ниту кон здравствените работници, ниту кон експертите од Комисијата за заразни болести.

 

Наместо да ја поддржат работата на Комисијата, тие бараат нејзино разрешување и со тоа истураат партиски бои врз епидемиологијата и сакаат да ги остават граѓаните на цедило.

 

Изминативе денови, стигнува сметката од таквото несовесно, незрело и неодговорно однесување на Чулев кој по диктат на Мицкоски не презема ништо за да се санкционираат оние кои не ги почитуваат мерките и задолженијата.

 

Мицкоски и Чулев се олицетворение на неодговорноста кои се водат од позицијата "колку им е полошо на граѓаните, толку е подобро за нивната партија". Таквото антинародно и антидржавно однесување мора да запре.

 

Наќе Чулев мора веднаш да поднесе оставка затоа што свесно го загрозува јавното здравје и поттикнува незаконско постапување.

 

Македонската полиција и македонските граѓани треба час поскоро да се ослободат од неодговорното однесување на Наќе Чулев.

Затоа, потребни се избори и нова Влада и Собрание со полн легитимитет од граѓаните.

 

Изборите се решение за незрелото, неодговорно и несериозно однесување на Христијан Мицкоски и неговите кадри во техничката влада.

На државата и се потребни институции со полн капацитет кои ефикасно ќе се справат со последиците од актуелната пандемија, но и ќе бидат подготвени за новиот бран кој по сите најави се очекува наесен, како и за рестарт на македонската економија.



Додади коментар