Ротари клуб со нова донација за децата на Кавадарци
26-12-2016 РЕГИОН

Ротари клуб од Кавадарци ја продолжува традицијата, да помага во заедницата, таму каде е најпотребно. Годинава, по седми пат викендов се одржа донаторска забава во ресторан „Бриони“.  На едно место беше собрана бизнис заедницата од Кавадарци.

 

Претседателот на ротари клубот Бранко Колев најави дека годинава со собраните средства ќе се финансиираат два проекти. Ќе се реновираат детското одделение во болницата во Кавадарци  и салата каде вежбаат играорците од КУД „Тиквеш“кое работи во склоп на домот на културата „Иван Мазов-Климе“.

 

Се одлучивме за овие два проекти бидејќи ја следиме нашата максима, „ за децата на Кавадарци“. Да дадеме помош таму каде е најпотребна. Средствата кои ги собира ротари клуб Кавадарци, доаѓаат од чланарина која ја плаќаат членовите, донациите кои ги плаќаат компаниите од Кавадарци и од оваа донаторска забава“, рече Колев.

 

Благодарност за донацијата искажа директорот на домот на културата, Владимир Темков.

 

„Пријатно сме изненадени од одлуката на ротари клубот. Во фолклорниот ансамбл кој работи повеќе од 50 години членуваат повеќе од 150 деца, поделени во 4 групи. Во изминативе години домот на кулутрата изврши реновирање на сите простории и остана уште салата за играорците, па еве има добри луѓе кои се сетија и донираат за домот на културата“ рече Темков.

 

На официјалниот дел од ротаријанската донаторска забава настапи КУД „Тиквеш“ со сплет од македонски народни песни и ора.

 

Aнгел Данов



Додади коментар