Раноградинарите ќе бидат исклучени од забраната за движење во викенд деновите, за останатите земјоделци кои имаат неодложни активности ќе се издаваат дозволи

Со оглед на новите проширени мерки за ограничување на движење за време на викенд деновите од 16:00 часот до 05:00 часот, што ги донесе Владата за заштита на здравјето на граѓаните од коронавирусот, на вчерашната владина седница се допрецизира исклучувањето на дел од земјоделците во однос на забраната за движење. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски во денешната изјава посочи дека заради интензивирање на сезоната на земјоделски работи, особено кај градинарските култури, во делот на забраната за движење во викенд деновите, се исклучуваат земјоделците што одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности поврзани со производство во пластеници.

 

„Тоа значи, дека оваа категорија на земјоделци не треба да вадат посебни дозволи. Но, укажуваме ова исклучување да се искористи исклучиво за вршење на земјоделските активности во пластениците. Дополнително, другите земјоделци од останатите подсектори како што се сточарите, овоштарите, полјоделците и други, доколку имаат неодложни активности поврзани со земјоделско производство за време за забрната за движење, треба телефонски да се јават во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и да остават мејл адреса за контакт. Откако подрачната единица ќе изврши проверка на доставените податоци од страна на земјоделците, истите се доставуваат до МЗШВ, кои потоа се проселдуваат до Министерството за информатичко општество и потоа на нивните мејлови им стигнува дозволата“, изјави министерот Димковски.

 

При тоа Димковски изјави дека на вчерашната седница на Владата се донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за земјоделско земјиште. Ова значи дека роковите кои се определени со Законот за земјоделското земјиште за донесување на одлука за отпочнати постапки со прибирање на понуди, а кои истекуваат за време вонредната состојба, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба. Истите, започнуваат одново да течат по истекот на вонредната состојба. Откако ќе заврши вонредната состојба изборот на најповолен понудувач во отпочнатите постапки со прибирање на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари, ќе се врши согласно Правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделското земјиште кое може да се даде во закуп.

 

Додади коментар