Работна средба во МЗШВ со винарите
15-08-2013 РЕГИОН

Во насока на подготвителни активности за претстојната откупна сезона на винското грозје, денес, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се оддржа редовен работен состанок со претставнициte на винарскиот сектор, информираа од МЗШВ.

На средбата беа офатени повеќе теми од винскиот сектор, поврзани со ефектите од досегашното субвенционирање на винарските визби, од состојбата на вкупните залихи на вино, евидентирање на досегашниот пласман на македонското вино на пазарите во ЕУ, регионот и на новите пазари (Руска Федерација, Украина, Кина ...), информации за квалитетот на грозјето и содржината на шеќерни единици, информирање за количините грозје кои визбите планираат да ги откупат од овогодинешната реколта (по вински сорти), можноста за дефинирање на откупните цени за грозјето, поддршката на министерството во покривање на транспортните трошоци на откупеното грозје од откупните пунктови до винарските визби (дополнителна мерка која беше воведена минатата година) и создавањето на услови за организирана берба, со цел избегнување на берба во краток временски период, за што е потребна соработка од страна на организациите на здружување на лозаропроизводителите.

 Во насока на додефинирање на повеќето моменти поврзани со откупот на винското грозје, МЗШВ ги повика претставниците на винскиот сектор максимално да се вклучат во процесот на подготовки на откупната сезона, за која, се информираше дека ќе постои целосна координација како помеѓу државните институции така и со откупувачите и со лозаропроизводителите.

Во тој контекст, од МЗШВ беше најавено дека во следните денови МЗШВ ќе организира состанок и со претставниците на легитимните здрженија на лозаропроизводителите на кој ќе се разговара за темите поврзани со организирање на откупот грозје и висината на откупната цена на грозјето, за која беше побарано од претставниците на винскиот сектор, да биде дефинирана во соработка со лозаропроизводителите.

На средбата уште еднаш беше потенцирано дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе продолжи да биде поттикнувач во процесот на градење на дијалогот помеѓу лозаропроизводителите и претставниците на винскиот сектор, како потреба која би била во интерес и на двете страни, стои во соопштението од МЗШВ. 



Додади коментар