Промоција на првата стихозбирка на Маријана Пешиќ насловена „Оган во срцето“
15-09-2017 КУЛТУРА

Седумдесет и две песни содржи збирката поезија насловена „Оган во срцето“ чиј автор е новинарката Маријана Пешиќ. Нејзиното дело синоќа беше претставено пред кавадаречката јавност во галеријата при домот на културата „Иван Мазов Климе“.

 

За првенецот на Пешиќ говореше нејзината колешка Мирјана Мукаетова.

 

-Најголем дел од песните се создадени во момент на тага по изгубениот животен сопатник. Нејзината поезија е лирска. Сепак, општимизмот никогаш не ја напушта. Оптимизмот и позитивната мисла се исто толку карактеристични за неа. Кога ја прочитав книгата имав чувство како да ја прочитав нејзината биографија, рече меѓу другото Мукаетова.

 

Авторот на стихозбирката нагласи дека додека едната половина во неа тагува, другата ја влече напред.

Пешиќ е родена 1947 година во Скопје. Има завршено Виша педагошка во Битола. Живее во Кавадарци. Во минатото пет години беше директор на Радио Телевизија Кавадарци.

А.Д

Додади коментар