Првични проценки: Измрзнаа околу 1000 хектари лозови насади
24-04-2017 РЕГИОН

Лозарите и овоштарите во шок по мрзнењето кое се случи на лозовите и овошните насади деновиве. Сеуште се прават проценки колку штети направија ниските температури. Ова е второ мрзнење годинава.

 

Според првичните видувања на м-р Диме Златев, стручњак од областа на заштитата кој неколку децении ги следи состојбите во лозарството и овоштарството, со бранот од ниски температури во петокот спрема саботата најмногу на удар се лозовите насади кои се наоѓаат во котлинските делови. „Најмногу погодени се лозови насади во реоните на Глишиќ, Марена, Сопот, Рибарци, Курија, Фариш. Тоа е критична линија за лозарството. Она што е многу чудно во одредени насади делумно има мрзнење, делумно не. Исто така има појава еден насад да е целосно оштетен, а соседниот да нема воопшто штети или пак тие да се минимални“ рече м-р Златев.

 

Тој нагласува дека досега не памети вакви ниски температури и штети врз лозјата и овошните насади. „Во ваква напредната фаза од развојот немало мрзнење. Сега измрзнаа ластари од 30-40 см. Се сеќавам дека имало години кога во овој период температурата паднала до -2 степени, но никогаш вакви штети немало во овој период од годината“ додава Златев.

 

Во Росоман критичната ноќ е измерена температура од -3,5 степени, во Сопот и Паликура температурата паднала до -4 степени, а најниска температура е регистрирана во Демир Капија од -5 степени.

 

“Не е вистина она што го пласираа некои национални медиуми дека измрзнаа 7.000 хектари во кавадаречко. Од последниот ладен бран штетите се на лозови површини до максимум 1000 хектари и тоа лозја кои се садени во реони кои не одговараат за одгледување на винова лоза“ вели м-р Златев.

 

Заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски вчера ја посети Тиквешијата и изврши увид во неколку оштетени насади од пролетните ниски температури.

 

-Јасно и евидентно е она што го кажуваше Управата за хидрометеоролошки работи дека неспецифичните временски услови ќе предизвикаат штети на овошните насади во сите региони. Се констатираше дека овошните насади претрпеа значајни штети и поради тоа Владата итно заседаваше и донесе две значајни одлуки, истакна Костадиновски.

 

Тој направи увид во постапката во делот на обезбедувањето на итна првична процена за штетите коишто се предизвикани од мразот.

 

-Само сакам да кажам дека според она што го подготви како извештај Управата за хидрометеоролошки работи во соработка со Министерството, зафатена е територијата во целост во сите региони со исклучок на Гевгелија, Дојран, Валандово. Владата итно заседаваше и ја донесе таа одлука за констатирање на временските неприлики. Можам да кажам дека во сите региони комисиите се присутни , итно постапуваат, ја праваат таа првична проценка и врз основа на тоа ќе бидат подготвени извештаи за сите региони. На база на тие проценки ќе се направи методологија по која ќе се врши проценката за штетите и по која што ќе постапува комисијата за утврдувањето на штетите предизвикани од мразот, нагласи заменик министерот.

 

Раководителот на подрачната единица на Министерството Зоран Шалев појасни дека се формирани четири комисии на територијата на Општина Кавадарци за да се утврди првичната состојба, односно во Рибарци, Сопот, Црноречјето, Марена, Паликура и останатите делови на Општината. Според него првичните оценки се дека штетите во овоштарството и лозаратсвото се многу големи.

 

Aнгел Данов



Додади коментар