Од денеска до 21 септември се одбележува неделата за борба против туберкулоза

 

Во 2017 година во Република Македонија рeгистрирана е инциденца на активна туберкулоза од 10,6 на 100 000 жители или 220 ново заболени лица, додека во 2013 година инциденцата изнесува 15,7 на 100 000 жители или 323 новозаболени лица од туберкулоза. Во анализираниот период 2010-2017 година, стапката на инциденца, исто како и стапката на преваленца покажува тренд на опаѓање. Македонија се вбројува во земјите со ниска стапка на инциденца од земјите во европскиот регион.

 

Сите форми на ТБ се лекуваат ако се дијагностицираат и третираат на време. Третманот вклучува земање на комбинација на лекови за шест до девет месеци, бидејќи некои туберкулозни бактерии се природно отпорни на еден или повеќе лекови што се препишани.

 

Со цел за што поуспешна контрола и лекување на туберкулозата во Република Македонија, намалување на ризикот од ширење на инфекцијата, особено онаа предизвикана од резистентни соеви на Mycobacterium tuberculosis, спречување на коинфекција меѓу туберкулозата со ХИВ инфекцијата, неопходно е да се превземат сите расположиви превентивни мерки кои придонесуваат за рано откривање и спречување на болеста.

 

Rадиографски снимки кај ризични групи во кои спаѓаат: болни во психијатриски болници, затвореници во КПУ во Република Македонија, привремено раселени лица, зависници од дроги, мигранти и сл. Со цел рано откривање на болните од туберкулоза и други неспецифични белодробни заболувања се врши селективно радиофотографско снимање на лица кај кои постои поголема опасност од заболување од туберкулоза.

 

Исто така потребно е непосредна контрола на лекувањето и следење на болните со туберкулоза, како и здравствено воспитување преку разговор со болните и нивните семејства во домот на болниот.

 

Спречување на ширење на туберкулозата, преку лекување на новооткриените случаи на туберкулоза според стандардни режими на лекување препорачани од Светската здравствена организација.

 

Значителен придонес кон унапредување на грижата и третманот на ранливите категории како што се лицата со Хепатитис Ц или лицата со ХИВ/СИДА, како и унапредени услови за навремена дијагноза и ран третман, се мерки и активности со кои сериозно се намалува можноста за понатамошно пренесување на ХИВ вирусот.

 

.Водење на здрав начин на живот, е една од мерките која го намалува ризикот од ТБ. Луѓето кои се во лоша здравствена состојба се со поголем ризик, бидејќи нивната отпорност на болест е помала отколку кај здравите луѓе. Затоа од голема важност е да се консумира здрава храна, која вклучува многу зеленчук и овошје, месо со помалку маснотии, избегнување преработена храна и шеќери.

 

Физичката активност е од големо значење, вежбање најмалку 3 до 4 пати неделно. Вклучување на кардио вежби, како што се: пливање, трчање или веслање. Избегнување на лоши навики како што се: внес на алкохол,тутун и дроги. Одржување на лична хигиена, и што е најважно, потрошете што е можно повеќе време на чист воздух, планина и сл.

 

Сепак најдобра превентивна мерка е правилно и навремено лекување на секој болен од туберкулоза со што се прекинува ланецот на ширење на инфекцијата.

Додади коментар