Објавен нов јавен повик од ИПАРД 2, поддршка за инвестиции во преработувачки капацитети

Денеска се објави новиот јавен повик за мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“, од европската ИПАРД 2 програма.

 

 

 

Со овој јавен повик им се овозможува на фирмите и на земјоделските задруги да инвестираат во отворање на преработувачки капацитети и опрема, при што 50 отсто од инвестицијата ќе им биде кофинансирана, односно финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка. Притоа, 75 отсто од средствата кои ќе бидат кофинансирани ќе бидат обезбедени од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на европската унија ИПАРД 2014-2020, а 25 отсто од средствата ќе бидат кофинансирани од Буџетот на Република Македонија.

 

„Ефикасното искористувањето на парите од ИПАРД Програмата е наш врвен приоритет, затоа што вложувањето на овие средства значи модернизирање и зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство. Нашите политики веќе даваат резултати. Само за првиот повик од ИПАРД 2 се склучени околу 940 договори во вредност од 18 милиони евра, што е и повеќе од целиот програмски период за ИПАРД 1. Затоа, со предлог Буџетот за 2019 година го зголемивме националното кофинансирање за ИПАРД од 60 милиони денари за 151 милиони денари“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

 

Крајниот рок за поднесување на барањата е 14-ти јануари 2019 година, а вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик над 13,2 милиони евра.

 

„Со помош на оваа мерка Владата, Министерството и Агенцијата, уште еднаш потврдуваме дека силно сме фокусирани кон развој и унапредување на преработувачките капацитети во агро секторот. Само со развој на домашните земјоделски стопанства и агро компании може да постигнеме зголемено производство, пласман на домашниот род и девизен прилив од извозот на домашните производи“, изјави директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.

 

Оваа мерка се однесува на инвестиции во преработувачки капацитети за: млеко и млечни производи, месо и производи од месо вклучително јајца и живина, овошје и зеленчук, житарици, мелнички продукти и скроб, растителни производи и маснотии од животни, шира, вино и оцет, како и производство на енергија преку погони за преработка и производи од животни од примарната и секундарната биомаса, со исклучок на биомаса од рибни производ.

 

Дополнително, финансиската поддршка се зголемува за 10% доколку се работи за: инвестиции во згради/опрема чија што намена е да се подобри енергетската ефикасност, производство на био-енергија во случај на преработка на производи, производство на енергија од други обновливи извори на енергија или третман на вода/отпадна вода.

Додади коментар