Новиот план за вработување во општина Кавадарци ја доби подршката од советот
18-07-2017 РЕГИОН

Кавадаречкиот совет денеска со 10 гласа „За“ и 6 „против“ дадезелено светло на годишниот план за вработување во општината. По две одлагања на овие точки советот денеска пред почетокот на редовната 59 та седница го одржа продолжението на 58-та.

 

Советниците од СДСМ побараа од градоначалникот појаснување зошто годишниот план за вработување не бил доставен до министерството уште во месец мај кога претходно советот се изјавни по него, туку сега се бара поништување на првичниот и усвојување на нов план.

 

Градоначалникот Александар Панов рече дека станувало збор за технички проблем, но и поради политичката криза општината не дејствувала.

„Тогаш планот се однесуваше за неколку пожарникари, сега планот е проширен и со неколку нови вработувања и унапредувања на вработени во општината. Очекувам од новата централна власт да овозможи општините да имаат целосна самостојност во овој дел“ рече Панов.

 

Реплицираше советникот Зоран Бањански и обвини дека објаснувањето на градоначалникот за технички пропуст  не било издржано.

 

„На тие што им ветувавте вработување треба да им кажете дека ќе бидат вработени од 1 јануари следната година. Не треба да се лажат луѓето. Сакате да им кажете еве ние сакавме да ве вработиме, ама новата власт не дозволува. Оваа точка е тотално незаконска“ обвини Бањански.

 

На говорница повторно излезе градоначалникот кој дообјасни дека во противпожарната единица во Кавадарци било неопходно вработување на пожарникари, бидејќи 5-6 веќе биле пензионирани, а имало најави и за нови пензионирања. „Не станува збор за популизам. Јас очекувам министерството да не ни даде согласност на планот. Тогаш ќе се знае кој ги кочи работите, тогаш ќе имаме аларм во противпожарната единица“ рече Панов и нагласи дека планот за кој расправа сегашниот состав на советот ќе му биде од корист на идниот градоначалник, кој  и  да биде.

 

Советникот Сашко Петров го прозва секретарот на општината за неодговарање на барањето на советниците да се појавел на седница и да дадел објансување на прашања од советниците.

 

„Не сме против нови вработувања. Зошто навреме не сте го пратиле планот. Проблемот е кај вас. Ни давате да гласаме одлуки без правен основ“ забележа советникот Горан Белевски, на што градоначалникот одговори дека министерството било тоа кое требало да се изјасни дали одлуката била законска или не.

 

Ангел Данов



Додади коментар