МТСП: Тече пријавувањето за новата поддршка за раст на плати во повисок износ од минималната плата

 

Министерството за труд и социјална политика ги известува работодавачите од трудоинтензивните дејности дека е во тек пријавувањето за новата поддршка за раст на плати. Фирмите кои сакаат да ја искористат финансиската поддршка за раст на плати, ги информираме дека може да аплицираат во Управата за јавни приходи, преку системот за Месечната пресметка за интегрирана наплата (МПИН). Поддршката позитивно ќе влијае на растот на животниот стандард на работниците и продуктивноста на компаниите.

 

Обезбедувањето на повисоки плати за работниците е овозмено со последните измени и дополнувања на Законот за минимална плата (објавени во “Сл. весник на РМ” бр. 140/18), каде се утврдени и условите кои треба да ги исполни работодавачот за да ја добие финансиската поддршка. Поддршката изнесува 30% од разликата помеѓу бруто платата на работникот во тековниот месец и просечната бруто плата на работникот исплатна во последните три месеци лани, а најмногу до 1.200 денари по работник месечно.

 

Еден од предвидените услови е фирмата која аплицира за поддршката претходната година да имала трошоци за работење (плати, надоместоци, даноци за плата и надоместоците и придонеси од задолжително социјално осигурување), во износ повисок од 50% од вкупните расходи, а бруто исплатената плата на работникот во месеците октомври, ноември и декември 2017 година, да изнесува до 26. 250 денари.

 

Проверката на исполнетоста на условите за добивање на финансиска поддршка ја прави Управата за јавни приходи, а исплатата на средствата, Министерството за труд и социјална политика - се вели во соопштението од МТСП.

Додади коментар